Македонците во Албанија го прославија Петровден (ФОТО)

По повод  христијанскиот празник Петровден, во Пустец, се одржа голема прослава пред храмот на Пресвета Богородица. За убавата атмосфера се погрижија Благоја Грујовски, Џесика Палашоска, Стојне Николова, Бобан Мојсовски и Модус бенд. Бројни познати македонски хитови се отпеаа на прославата која се одржа во Пустец, по повод празник Петровден. На концертот настапија Благоја Грујовски, Џесика Палашоска, Стојне Николова, Бобан Мојсовски и Модус бенд кои се погрижија присутните гости да уживаат и да се развеселат со македонската песна.

Еве што истакнаа познатите музички имиња за нашите гледачи :

Јас сум многу среќен бидејќи сум првпат овде во Пустец и најискрено да ви кажам воодушевен сум од ова место. Имав сосема поинаква замисла за околината и природата, меѓутоа ова овде е нешто фантастично. Ова место е опкружено со зеленило, а тука нормално е и Преспанското езеро, навистина преубава глетка. Им препорачувам на сите што можат да дојдат да го видат ова место овде.-истакна познатиот фолкер, Благоја Грујовски.

Преубаво си поминувам во Пустец, едноставно една убава дружба со колегите толку време не сме се виделе, долго време не сме настапувале заедно. Еве прилика токму тука тоа да го направиме. Голем поздрав до организаторите и им благодарам на поканата. Преубаво е овде, навистина можеме да видиме едно место во коешто може да уживаме со сите негови природни убавини. – со воодушевување ни раскажа пејачката Стојне Николова. Одлично се чувствувам, веќе по трет пат настапувам овде во Албанија во Пустец. Одлична е атмосферата, има многу македонци, им се допаѓаат македонските песни и ора, чувството неможе да се опише.- вели Џесика Палашоска.

Музичарите не го криеја задоволството од прекрасната забава, а пред се беа воодушевени од гостопримливоста на домаќините од Пустец додавајќи дека и во иднина ќе дојдат на ова место секогаш кога ќе бидат поканети. Никола Кочанковски Кочан од Модус бенд вели дека досега бил неколкупати во Пустец и навистина е изненаден од атмосферата. Сум бил тука пред 3-4 години, а воедно ја користам приликата да го честитам празникот Петровден на сите македонци насекаде низ светот. Може и сами да видите, прекрасно е, а толку млади на едно место немам видено.

Имаме огромна чест да бидеме гости на овој настан. Ние сме поканети заедно со нашиот менаџер од Америка, Благој Станишоски да присуствуваме на овој настан, да си поминеме многу убаво и што да кажам друго. Навистина луѓето ги има во голем број и тоа ме радува што македонците овде се веселат и знаат да ја ценат македонската музика. – вели Деан, вокалот на Екстра бенд-Битола кој беше дел од гостите на настанот.

Advertisement