Во 2021 година се случија два тажни закопи во Овчарани. Починаа маж и жена, во своите 90 и кусур години возраст. Нивниот син Панајотис на надгробните споменици покрај грчкото им го запиша и македонското име и презиме. Сега покрај името на татко му Јоанис Анастасиадис стои и името Јане Ашлаков, а покрај името на мајка му Дона Анастасиадис стои и името Дренка (Донка) Ашлакова. На истите надгробни споменици се запишани и неговата баба и дедо, но само на македонски јазик, Блаже Ашлаков и Конда Ашлакова.
Палејќи им свеќи на своите мртви родители, Панајотис се приближи до споменикот на неговиот мртов татко и нешто тивко зборуваше. Решивме да не го прекинуваме во овој интимен момент со прашање што им рекол на покoјните родители, туку подоцна да си ја задоволиме љубопитноста.
Кога бев градоначалник на Овчарани, ми велеше: Дете, дали ќе успееме да го учиме македонскиот јазик во школо? Тешко ми е што ќе кажам дека не успеа (плаче), не дочека, почина лани на 93-годишна возраст, една година пред да го регистрираме Центарот за македонски јазик. Сега дојдов на гробот да му кажам: Татко, твоите внуци ќе учат македонски јазик, ни рече низ солзи малку подоцна.
Овој емотивен момент несомнено е предизвикан од судската регистрација на невладината организација “Центар за македонски јазик“ во Лерин. Голема победа на Македонците од северниот дел на Грција, која треба да се потврди и на 19 јануари и на 2 февруари оваа година, кога судот во Лерин ќе ги разгледува и ќе одлучува по пристигнатите приговори за одлуката.
Зошто да се срамиме за тоа што сме Македонци?
Малку подоцна Панајотис широко ни ги отвори вратите на неговиот беспрекорно уреден дом. Ние, нашата генерација, сме послободни и бараме тоа што ни го дава демократијата, тоа што Грција потпиша во Европа дека се за човекови права. Ако го немаа тоа потпишано, сега додека разговараме ќе имавме полиција овде. Откако го потпишаа договорот за човекови права, почнавме да се собираме, да се видиме кои сме и што сме. Зошто да се срамиме за тоа што сме? Оти во Грција сега младите знаат да речат “ах, тој го зборува оној јазик“. Но, јас сум горд што го зборувам мојот мајчин македонски јазик. Тоа е мое богатство, бидејќи знам и грчки јазик, значи два јазика, вели тој.
По краток муабет се упатуваме во дворот за да го продолжиме разговорот. Таму пристигнуваат неговите другари и пријатели, сопругата, снаата, но и еден австралиски зет по потекло од Италија кој по 50 години поминати на далечниот континент ја исполнил желбата на сопругата Македонка од Овчарани да го посети нејзиното родно место. Малата барака наеднаш ја исполнува симфонија од различни јазици. Македонски јазик на повеќе наречја, како и грчки, и англиски. Сите говорат во исто време.
Тука е и претседателот на невладината “Центар за македонски јазик“, Георгиос Костидис. Скромно нè замолува да го исклучиме снимањето бидејќи, вели, триумфализмот со кој беше дочекана позитивната одлука на судот може да наштети на понатамошниот развој на настаните. Кратко нè информираше дека има два приговори и дека дури и претседателката на Врховниот суд од Атина дала јавна изјава со која остро се спротивставила на регистрацијата на “Центарот за македонски јазик“.
Но, Панајотис е разговорлив. Како поранешен градоначалник на Овчарани и на 11 села кои гравитираат кон ова село, концизно ни дава географски и демографски опис. Во Овчарани 90 отсто од населението се Македонци. Во селото, вели, живее само еден Грк, другите 10 отсто се Турци.
Селото Овчарани или по грчки Мелити се наоѓа на Стара Река, 20 километри североисточно од градот Лерин.
Пред Овчарани, наминавме и во селото Екшису или Ксино Неро. Крај селската продавница стои Костадинос Папас. Вели дека од 1200 жители во селото останале само 600. Младите одамна се иселиле. Се упатуваме до кафулето „Миро“ каде седи мала група мештани кои го напуштија кафулето кога почнавме да се интересираме за живејачката во селото. Љубезен е само Киријакос, но вели дека е опасно Македонец да застане пред камера. Вели дека жителите претежно живеат од земјоделие. Има братучед во Скопје и често доаѓа.
Првото прашање кое си го поставувате кога ќе минувате низ леринскиот регион е – од што живеат луѓето овде. Нема фабрики, нема државни институции, само ситно претприемништво. Панајотис Анастасиадис има „ергела“ од багери и камиони за ископување и транспорт на земја – бизнис кој често го води кон Битола. Го затекнавме среде село. Во муабет со Тасопулос Костадинос на неговиот џиновски трактор, дојден од Забрдане или по грчки Лофи, по работа во Овчарани.
Трогателно е колку овие луѓе се трудат да го остават во живот нивниот мајчин јазик, македонскиот јазик. Од секое ќоше ги демне некој што невкусно ќе им прокоментира за „јазикот што го зборуваат“, но тие пркосат и „лафат“, „пулат“, мешаат битолско наречје, прилепско, па дури и струмичко. Како што ги учеле баба и дедо. Дури и сообраќајната полиција која нè сопре на патот од Лерин кон Екшису, најпрвин ни се обрати на грчки јазик.
Трогателно е колку овие луѓе се трудат да го остават во живот нивниот мајчин јазик, македонскиот јазик. Од секое ќоше ги демне некој што невкусно ќе им прокоментира за „јазикот што го зборуваат“, но тие пркосат и „лафат“, „пулат“, мешаат битолско наречје, прилепско, па дури и струмичко. Како што ги учеле баба и дедо. Дури и сообраќајната полиција која нè сопре на патот од Лерин кон Екшису, најпрвин ни се обрати на грчки јазик, а потоа се разбравме на англиски јазик, но кога по проверката ни ги врати документите не поздрави на македонски јазик. Сето тоа недвосмислено зборува за врските меѓу населението од двете страни на границата.
Моите деца научија многу убаво македонски јазик од татко ми и од мајка ми. Но ние денес сме зафатени со работа и нема кој да ги учи малите деца кои одат во грчко школо. Сакам да кажам и ние сме малку виновни, а и државата (Грција, н.з.) што не ни дава право да си го учиме нашиот мајчин јазик, вели Панајотис Анастасиадис.
Но, со регистрирањето на “Центарот за македонски јазик“, вели, сите млади ќе го учат јазикот, особено затоа што учењето ќе биде онлајн со паметни телефони.
И овчаранци, и леринци и околните села како што е Екшису, секој викенд се упатуваат кон Битола, за да наполнат таму бензин во своите автомобили, да посетат стоматолог, да пазарат во битолските маркети. До Битола имаат околу 20-30 минути возење.
Селото Овчарани се истакнува како најзначајно упориште на Македонците. На изборите во 2011 година за кмет (градоначалник, н.з.) на селото е избран Македонецот Панде Ашлаков, односно нашиот домаќин во Овчарани, Панајотис Анастасиадис, кој таа функција ја извршува до 2015 година. Во 2013 година, селото Овчарани до грчките власти и обласната управа на Леринскиот округ испраќа петиција потпишана од 200 жители со која се бара официјално да се овозможи настава на мајчин македонски јазик. Овој жесток македонски бунтовник од средната генерација, не ги крие емоциите ниту денес.
Татко ми кога ораше со воловите, си свиркаше на македонски, му беше страв да пее, да не го слушне соседот, да не го слушне полјакот, да не го слушнат шпионите, вели Анастасиадис.
Проблемот не е во Преспанскиот договор туку во грчкото традиционално мислење
Приказната за Македонците во Леринско не е нова. Но, секое ново раскажување буди свои емоции, а со актуелноста на македонско–бугарското прашање се отвораат и некои стари рани. Повеќе не се плашиме да се изјаснуваме како Македонци. Тоа значи дека не сме Грци, и не сме Бугари, затоа што во последно време и Бугарите почнаа да доаѓаат овде во егејскиот дел за да наоѓаат луѓе кои ќе се изјаснат како Бугари. За жал, ќе треба да се засили нашето движење, а мислам дека ќе даде многу голем поттик моментот што Грција ја призна невладината Центар за македонски јазик, при што нашиот мајчин јазик ќе се изучува по интернет, ни вели Пеце Бенишев или по грчки Петрос Василиадис, дочекувајќи не во вечерните часови во селото Екшису.
Неговиот моќен глас, за жал, никогаш не го слушнале грчките интелектуални кругови бидејќи дипломата по филозофија земена на престижен светски универзитет не успеал да ја нострифицира во Грција. Наместо да израсне во полемичар како грчките интелектуалци, тој се префрла во градежништвото, за да заработува за живејачка. За Преспанскиот договор вели дека иако не значи ништо за македонското малцинство во Грција, многу е важно што Грција го призна македонскиот јазик и македонската посебност.
Проблемот не е во Преспанскиот договор, туку проблемот е во суштината на грчкото традиционално мислење за малцинствата кои живеат во државата, рече Бенишев поздравувајќи ги, како што нагласи, Македонците од целиот свет.
Податоците говорат дека името на селото Екшису официјално е променето во 1936 година и го добива новиот назив за грчка употреба Ксино Неро што во превод значи минерална вода. Исто така, за време на Отоманското царство селото се нарекувало „Ekşi Su“ или Екши Су, што во превод повторно значи минерална вода, а тоа име продолжуваат да го користат и Македонците. Селото се наоѓа на 34 километри југоисточна оддалеченост од Лерин.
И на Лерин и на Овчарани и на Екшису, три од стотина места колку што македонската заедница во Грција тврди дека се македонски, заедничка константа се три прашања: како да се спротивстават на природната, но и наметнатата асимилација, како да го сочуваат македонскиот јазик и да ја продолжат неговата традиција и како да си ја подобрат живејачката. Затоа што и еден површен поглед е доволен за заклучокот дека овде не се присутни стандарди на ЕУ, иако Грција е членка од 1 јануари 1981 година или полни 43 години. А го нема ниту морето за да може да се живее од туризам.
Според пензионираниот професор по физика Пеце Димчев, Преспанскиот договор не донел позначајни промени за тамошните Македонците.
Не забележувам некои промени. Преспанскиот договор е добра работа, но Грците не гледаат така на тоа. Има многу фанатици, многу екстремисти, националисти… Каква е оваа демократија? Таквите центри се нормални во демократски држави, но овде не сакаат да слушнат за нас. Дури има реакција и од судии, од главниот суд во Грција, сакаат да ја поништат регистрацијата на невладината организација “Центар за македонски јазик“. Имам три сина, сите тројца го зборуваат македонскиот јазик, се научија од мене. Јас сакав да го научам и го научив од баба и од дедо, го сакам македонскиот јазик, тоа ми е мајчин јазик и секогаш им велев на децата да научат да го зборуваат. И тие се интересираат за македонските работи овде, што се случува и до каде сме, вели тој.
И во неговото семејство и кругот од пријатели големата вест е невладината организација “Центар за македонски јазик“.
Грчките бунтовност и темперамент може да се каже дека се вгнездиле кај Македонците од тој крај, во позитивна смисла. Сакис Ромас од Овчарани вели да бидеш Македонец во Грција е исто како да бидеш човек во некоја држава и да бараш правдини. Со еден збор, тешко е, ни рече тој. Меѓутоа, претпазлив е околу иднината на Центарот за македонски јазик, но и околу прогнозите дали младите Македонци ќе сакаат да го изучуваат.
Сега младите повеќе ги интересира да најдат работа, да живеат убаво. Повеќе ги интересира англискиот, германскиот јазик, но ние им велиме дека македонскиот е наша македонска традиција и тоа треба да им биде мотив за да го учат, вели тој, изразувајќи притоа надеж дека реакциите во Грција околу регистрацијата на “Центарот“ нема да доведат до несакани потези од страна на властите.
Сумирајќи го денот на враќање од Лерин и Леринско, се потсетивме на утринската сцена пред кафулето „Арт“ во центарот на Лерин. Газдата Мичо, Македонец, три пати дневно излегува надвор и им фрла трошки храна на врапчињата. Врапчињата како да го прифатиле ритуалот и редовно слетуваат пред вратата на неговото кафуле. Токму како и борбата на Македонците на северот во Грција. Трошка по трошка, тие ја хранат својата македонска душа, во културолошка и социолошка смисла. Според државност, како што потенцираат Грци, а по националност Македонци./ИКС: Соња Крамарска и Дарко Андоновски