Германскиот амбасадор во Србија, Аксел Дитман рече дека сите изјави во насока на менување на границите на Балканот се опасни и дека Германија тоа не го прифаќа. “Тоа јавно го кажуваме и е позиција на ЕУ”, рекол Дитман во интервјуто дадено за Новости, додавајќи дека е важно сите страни да ја спуштат тензијата и да се движат натаму.
Дитман одговарајќи на прашање за благата реакција на Германија и ЕУ во врска со изјавите за големоалбанските аспираци нагласи дека одредени изјави не биле корисни. ЕУ на нив реагираше, но доколку се продолжи со коментирање на коментари се влегува во бескрајна спирала, смета Дитман.
Важно е сега сите страни вербално да деескалираат. Сега е момент да се оди понатаму и да се намалат тензиите, додаде тој. На прашањето зошто нема санкции против политичарите во Приштина и Тирана, кои даваат опасни изјави, Дитман рече дека сега е важно да постои конкретна соработка со цел стабилизација и соработка во регионот и да се гледа на иднината.
ЕУ ја поддржува соработката во рамки на Берлинскиот процес, на пример со големи инфраструктурни проекти. Србија покрена важна иницијатива во рамки на Берлинскиот процес, тука е и иницијативата на српскиот и албанскиот премиер за воспоставување мрежа на млади. Србија изнесе и добри предлози за економска соработка во регионот, нагласи Дитман за „Новости“.