Министерката за труд и социјална политика на Македонија Јагода Шахпаска се обрати на седмиот по ред Форум за поврзување во Тирана  

Министерката за труд и социјална политика на Република Македонија Јагода Шахпаска денеска се обрати на седмиот по ред Форум за поврзување, (Tirana Connectivity Forum), кој се одржува во Тирана, под мотото „Заедно градиме подобар Балкан“, а на кој се дискутираше за Економскиот и инвестициски план на Европската унија за земјите од Западен Балкан.

Министерката Шахпаска учествуваше на панел дискусијата насловена „Што има за младите во Економско инвестицискиот план за Западен Балкан“, каде ги презентираше искуствата на Република Македонија во дизајнирањето и имплементирањето на политики насочени кон подобра интеграција на младите на пазарот на труд.

Таа особено се осврна на нашите искуства како прва земја од регионот која ја воспостави и ја спроведува „Младинската гаранција“, по моделот развиен и применет во земјите од Европската унија.

„Од почетокот на 2018 година, кога го започнавме проектот Младинска гаранција па се до денеска, во оваа програма  успеавме да вклучиме 66.000 млади лица. Од нив 20.750 беа вработени во период од четири месеци по регистрацијата, додека 3.350 беа вклучени во активните мерки за вработување. Овие бројки покажуваат навистина успешна реализација на Младинската гаранција.

Од друга страна, бележиме значајно зголемување на младинската вработеност, додека младинската невработеност од 43,2 проценти во 2015 година се намали на 28,3 проценти во вториот квартал на 2021 година. Овие бројки покажуваат дека политиките на Владата на Република Македонија, кои се однесуваат на младите даваат резултати“, оцени министерката Шахпаска.

Таа ја нагласи потребата од интензивирање на регионалната соработка во справувањето со предизвиците со кои се соочуваат младите во сите земји во регионот, особено во делот на вработеноста, вклученоста и одржливата интеграција на пазарот на трудот, градењето на соодветни вештини и искуство.

Учесниците на панел дискусијата побараа од министерката Шахпаска да сподели дел од научените лекции и совети, што нашата држава ги стекнала при имплементирањето на младинската гаранција. Министерката Шахпаска оцени дека „предуслов за успешна Младинска гаранција е младите лица да добијат навремени и точни информации за Младинската гаранција, за можностите што оваа програма ги нуди, како и за придобивките што може да ги имаат од вклучувањето во оваа програма“.

„Од клучно значење е да бидат вклучени и консултирани младинските организации од самиот почеток, од моментот на креирање на програмата. Вклучувањето на младинските организации и партнерскиот пристап, работата на терен се важни за да се опфатат што е можно повеќе млади лица“, оцени министерката Шахпаска.

На панел дискусијата присуствуваа претставници на младински организации од Албанија и од Босна и Херцеговина, како и од РИКО–Регионална младинска организација за соработка кои ја истакнаа потребата од имплементирање на младинската гаранција во сите земји од регионот, но и потребата младите да бидат вклучени во креирањето на политиките, особено на оние кои се однесуваат на нивната иднина. Овогодинешниот Форум во Тирана е дел од официјалниот календар на настани во рамки на словенечкото претседателство со Европската унија.

Advertisement