Министерот за надворешни работи на Македонија освари средба со Министерот за надворешни работи на Полска

 

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, беше домаќин на министерот за надворешни работи на Република Полска, Јацек Чапутович, кој престојува во работна посета на Република Македонија.

Работната посета започна со Седмата средба на полско – македонската соработка во евроинтегративниот процес, т.н. „Скопска конференција“ на државни службеници од Република Македонија и Република Полска. Конференцијата се организира еднаш годишно од страна на Министерствата за надворешни работи на двете земји на која се споделуваат полските искуства од пристапниот процес, особено при преговорите по поглавјата од европското законодавство. Министрите Димитров и Чапутович на отворањето на Конференцијата изразија задоволство од континуираната и плодна соработка меѓу двете администрации на полето на европските интеграции.

Претставниците од Република Полска и учесниците од Република Македонија разменија практични искуства од хармонизацијата и имплементацијата на европското законодавство, стандарди и практики во неколку тематски области: претпријатија и индустриска политика, (поглавје 20 од правото на ЕУ), правосудство и фундаментални права (поглавје 23 од правото на ЕУ) и правда, слобода и безбедност (поглавје 23 од правото на ЕУ). Споделената полска експертиза, научени лекции, совети и препораки беа оценети како исклучително квалитетни, навремени и корисни од страна на македонските учесници.

По завршувањето на конференцијата, министрите имаа тет а тет средба по која следеше и пленарна дискусија меѓу двете делегации. Во разговорите, министрите заеднички оценија дека односите меѓу двете земји, кои оваа година одбележуваат 25 години од воспоставувањето дипломатски односи, се исклучително пријателски, со развиена соработка во повеќе сектори. Воедно, заеднички беше укажано на можностите за натамошно интензивирање на соработката во повеќе области од заемен интерес, а особено во сферата на туризмот, во контекст на веќе воспоставените чартер летови и најавената редовна авионска линија Варшава-Скопје од страна на полскиот авиопревозник ЛОТ.

Министерот Димитров го информираше својот колега за преземените активности во рамки на реформската агенда од страна на Владата, а фокусот беше ставен на перспективата за почеток на пристапните преговори во контекст на Стратегијата на ЕК за З. Балкан, пролетниот Извештај на ЕК, претстојниот Самит ЕУ – З. Балкан, очекувањата од Јунскиот совет на ЕУ и чекорите кои Македонија ги презема во остварување на таа цел. Се дискутираше и за билатералната соработка Македонија – Полска во контекст на ЕУ. Посебен акцент беше ставен на конкретните чекори кон продлабочување на добрососедските односи и регионалната соработка, како и зачленувањето во НАТО.

Министерот Чапутович истакна дека Република Полска е континуирано силен поддржувач на политиката на целосно интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ и НАТО. Позитивно ги оцени активностите на Владата на Република Македонија и даде цврсто уверување дека Полска и во периодот што претстои, ќе даде безрезервна поддршка на европските и евроатлантските аспирации на Република Македонија. Министерите Димитров и Чапутович, исто така, положија цвеќе пред Споменикот на депортираните 7144 Евреи од Македонија во рамките на Комеморативниот настан по повод 75 годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија.

 

Advertisement