Мицкоски: Објавувањето на Законот за јазици без потпис на Иванов е кривично дело

 

По изјавите на претседателот на Собранието дека Законот за јазици ќе го објави во Службен весник, преку социјалните мрежи се огласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој вели дека објавување на Закон за јазици без потпис од Претседателот на државата претставува ново кривично дело за кое доколку се случи сега или подоцна, одговорност мора да има.

Во Македонија веќе се воспоставува пракса на владеење со преседани, кои ја подриваат правната држава и владеењето на правото. Не ни треба нов преседан кој ќе стане пракса. Исто така подеднакво важна е и дилемата зошто повторно се актуелизира од страна на власта ова прашање. Премиерот Зоран Заев знае дека Владата нема никакви резултати во поглед на економијата, каде имаме вистинско цунами а во однос на надворешната политика сензитивен период во поглед на прашањето за името, па им треба ново замајување на јавноста со големи теми меѓу нив и етничките прашања кои им служат за колективна хипноза, теми кои во реалноста ниту за еден промил нема да ја подобрат состојбата на Албанците кои живеат исто лошо како и Македонците. Па така етничките теми, каде се манипулира со чувствата на граѓаните, било тоа да е законот за јазици или пак случајот Монструм се димната завеса кои треба да го отргнат вниманието од реалните теми каде има вистински хаос. Па преку овие измислени прашања ќе ловат виновници, ќе создаваат поделби, а себе си ќе се прикажуваат за спасители, напредни политичари и реформисти, а за сите конфликти и поделби за свесно сервираните прашања кои создаваат етнички поделби и разлики треба повторно да биде виновно ВМРО, вели Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додава дека во суштина тоа е битка за спас на власта поради бенефитите кои таа ги носи, а не поради доброто на државата и граѓаните, битка која е за спас на политичката кариера на Зоран Заев. Но тоа нема да помине, особено што неуставниот закон за јазици, или пак лагите и манипулациите со случајот Монструм и останатите теми кои создаваат етничка нетрпеливост се теми произведени од СДСМ за дефокусирање на јавноста и владеење со конфликти. Наместо да трошат време на тоа како да го заобиколат законот, нека го повлечат законот за јазици и преку опширна анализа, низ транспарентна постапка и широка вклученост на стручната јавност, заеднички да го направиме законот уставен и применлив. Од вакво нешто никој нема да загуби. И конечно наместо за закон за јазици, дадете да зборуваме за економија и за Македонија. Тоа е заедничкиот бенефит за сите граѓани, кои сеуште го чекаат подобриот живот, кој еве никако да дојде, нагласува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Advertisement