Мицкоски: Со денешниот протест почнуваме сеопшта револуција против погрешното владеење

Интегрален текст од обраќање на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Добро вечер Македонијо!

Добро вечер Република Македонијо!

Ви благодарам на сите што дојдовте, добро вечер браќа и сестри, добро вечер сограѓани, добровечер сопатници. Од денеска почнуваме до крај, а крајот ќе биде кога ќе падне Зоран Заев и нема назад. И нема назад додека не падне и затоа едно големо УА за Зоран Заев! И еден голем поздрав до овие луѓе кои што се наши браќа и сестри, припадниците на МВР, голем братски поздрав. Тие ја чуваат Македонија од тој натрапник внатре што не гледа некаде скриен. Гледа и има што да види. Драги сопатници и сограѓани, Ви благодарам денеска што сте овде со нас, Ви благодарам што се одзвавте на повикот на ВМРО-ДПМНЕ, Ви благодарам на сите до еден, вас најхрабрите, ви благодарам од срце што сте денеска со нас, но им благодарам и на оние што се денеска дома што не следат и со срцата се со нас, сите овие кои што ги трпат притисоците на оваа криминална и ненародна Влада предводена од аболираниот политичар.

Знам дека се со нас и знам дека го поддржуваат секој наш чекор, секоја наша политика. Сето она кое што преостанало од нашата татковина, а кое што ние сакаме да го спасиме. Затоа денеска почнуваме, одиме и ширум Македонија преку викенд, одиме во Општинските Комитети и одиме секоја среда овдека пред платото на Владата Република Македонија. Зошто, затоа што овдека треба да го изразиме нашиот револт, а нашиот револт ќе биде изразен поинаку, нема да биде како тие што правеа бидејќи ние ова го градевме, нашиот револт е демократски, граѓански со мирни протести ќе им покажеме како се сака татковината. Нема да фарбаме, нема да кршиме. Ја гледам оградата се уште стои, а од пред две години велеа дека ќе ја тргнат. Што е, се плашите ли од народот?

Среќавам многу луѓе, наши сограѓани, сопатници, среќавам браќа и сестри кои што ме критикуваа и велат каде сте ве нема, зошто не излеговте? Еве не излеговме. Излеговме и за националното понижување и за националното омаловажување, но излеговме и за  сите економски порази, затоа што сме понесреќни, затоа што Македонија ни е посиромашна, затоа што Македонија ни е обвиткана со црнила и темнина. А ние Македонците, Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите и Бошњаците ќе се обединиме. Сите заедно рамо до рамо да ја урнеме оваа неспособна и криминална власт предводена од овој аболиран политичар Зоран Заев.

Зошто ни е нас времето? Времето важно за да можеме поорганизирани, посплотени да се собереме овдека на ова плато, да можеме што помасовно да го изразиме нашиот револт. Без автобуси без да можеме да ги тераме со сила нашите сограѓани како што тоа го правеше Зоран Заев за еден друг проект. Да дојдат слободно и граѓански, демократски да го изразат својот револт  против сите овие црнила, економски, политички, национални омаловажувања што ни се случија овие година и половина. Година и половина ја уништуваат Македонија.

Ни ветуваа 5% раст на БДП, се сеќавате на онаа програма која што ја нарекоа „живот“, пекол донесоа, темнина донесоа кај секој еден граѓанин во Република Македонија. Ќе димензионираат трета година економија во Република Македонија, ќе димензионираат 3,2%. Па каде ви се тие 5%, така го лажевте ли народот? Или ви беше битно да дојдете до фотелјите за да можат тендерите да врват, а за да ви врват тендерите ја поништивте комисијата, Советот за јавни набавки, за да можете во 4 очи да го пљачкосувате и крадете македонскиот народ. Нели ви е срам? За тоа ли луѓето ви го дадоа гласот?

Национално не уништивте. Направите Македонецот да биде рамнодушен на се. После сите овие понижувања и омаловажувања што ни ги направивте овие година и половина. После сите распродажби на националните интереси. После целиот хорор кој што и го направите на вашата татковина. Направивте, се обидовте да направите Македонецот да биде рамнодушен, но ние нема тоа ви го дозволиме. Ние ќе застанеме еден до еден сите заедно со сите граѓани без разлика на нација, без разлика против вера против вас и ќе ви го покажеме вашето место во историјата, на темната страна на историјата. На следните предвремени или редовни парламентарни избори ќе ве поразиме жестоко и ќе ви го покажеме местото каде вистински припаѓате, на буниште.

Црнила е зборот, почитувани сопатници кои што денеска нас ни се случува во Република Македонија. Црнила и темнина надвладеа над нашата мила татковина Република Македонија. Но, затоа сме ние тука колку сме, толку сме, токму сме и ќе им покажеме дека пред зората е најтемно и после овие црнила доаѓа зората, а зората носи нова надеж. Надеж за подобро утре, за подобра иднина на нашите граѓани. Ветуваа Гугл ќе го донеселе, Фејсбук ќе го донеселе, а шајка не забодеа. Шајка не забодеа, и тоа што беше направено годините порано го уништија, не можат ни тоа да го искречат а камоли па нешто да донесат.

Ќе шетаат по телевизии, еден по еден ќе се редат и ќе ме убедуваат да гледаме низ  очилата со кои што тие гледаат. Нема тоа да ви го дозволиме. Нема да ви го дозволиме затоа што нема да се тргнеме од тука се додека не ви го видиме тилот како излегува од оваа зграда. Затоа што го пониживте, омаловаживте и уништивте Македонецот во Македонците. Затоа што ги пониживте и омаловаживте сите граѓани без разлика на нивната етничка и национална припадност. Ги пониживте и омаловаживте и затоа ќе ве поразивме жестоко од прв до последен, да знаете. И тоа ви го ветувам.

Ќе изгрее зората на слободата, почитувани мои браќа и сестри, сопатници, соборци во овој пад. Не можам да ветам чуда. Не можам да ветам нешто што нема да го исполнам, бидејќи во мојот живот најважен бил образот и честа. Тоа што ќе го ветам тоа и ќе го исполнам. Ве молам и Вие кои што денеска застанавте рамо до рамо со нас и вие кои што не гледате од дома, секогаш кога ќе ги полните штабовите, кога ќе доаѓате до нашите сограѓани, до нашите соборци да им ја кажувате вистината за ВМРО-ДПМНЕ. Да бидеме чесни и принципиелни и најважно од се честити. Затоа што само така можеме да ги освоиме повторни и довербата и срцата на нашите сограѓани.

Нема да ветиме 500-тини километри автопат затоа што тоа е невозможно, но ќе ветиме 500-тини километри патишта кои што ќе ги направиме за да нашите сограѓани помалку имаат незгоди на тие исти патишта. Нема да ветиме дека ќе донесеме чист воздух, како што кажуваше еден политичар кој што сега претпоставувам се наоѓа внатре во некоја од просториите на оваа зграда. Не можеме тоа да го ветиме дека само што не паднал тој и веднаш ќе почне да дува алпски воздух. Нема тоа да го направиме. Но, ќе ветиме 30 проценти на намалување на загадувањето секаде, затоа што имаме методологија и емпириски докажана методологија дека тоа ние го можеме да го растераме црнилото кое надвиснало над македонските градови и села. Нема да ветиме нешто што не можеме да исполниме. Но, тоа што ќе го ветиме тоа почитувани сопатници и ќе го реализираме.

Почитувани присутни, браќа и сестри,

Чувствувам емоција, чувствувам пркос кај секој еден од нас овдека присутен. Чувствувам љубов и најважно од се чувствувам мотив дека во овој наш пат кој нема да биде ниту лесен, кој што нема да биде ниту едноставен, ќе издржиме, ќе изодиме заедно и ќе стигнеме до нашата цел. А таа цел е победа на предвремени или редовни парламентарни избори кога и да се случат. Ни треба мобилизација. На денешен ден сите вие, сите ние но и оние кои што не беа денеска со нас, а знам сигурен сум дека ќе ни се придружат на улиците ширум Македонија или овдека на платото пред Владата на Република Македонија, сигурен сум.

Пред една година бевме сведоци на груба злоупотреба на власт кога на пратеници од опозицијата се ставаа лисици и брутално се омаловажуваа пред очите на македонската јавност. Истото тоа, истото тоа браќа и сестри беше констатирано и од народниот правобранител и се разбира кога станува збор за СДСМ одговорност нема, но ќе дојде денот кога ќе одговарате сите до еден.

Убиства ни се случуваат по улиците во главниот град. Брутални убиства по чикашки методи од средината на 19 Век, но нема ниту луѓе пред судовите ниту сторители на тие дела. Каде е сега министерот за внатрешни работи да излезе и да каже. Или полесно му беше да ги апси пратениците од опозицијата или можеби му беше полесно да прати вооружени припадници на Министерството за внатрешни работи да го заобиколат штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Да ги претресуваат нашите возила, да бараат луѓе во гепек, да бараат луѓе по нашите седишта. Тоа ли е демократија, тоа ли е опозициона мисла. На тој ли начин сакаат со опозицијата да се справат, на тој ли начин сакаат да ја задушат опозицијата. Нема тоа да ви го дозволиме, ќе издржиме повторно ќе ви кажам ќе ве победиме сите до еден внатре од прв до последен.

Ќе дојдат избори како и секогаш сакам да бидам искрен до крај така и овој пат, за да има избори мора да се избориме, а за да се избориме мора овој мотив, љубов и искрено чувство брат на брата, сестра на брата да трае недели, месеци можеби од сега, но ќе дојдат избори еве ги претседателските доаѓаат. Ајде тука жестоко да победи нашиот кандидат, ајде тука ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија да победи. Тоа е првиот чекор кон триумфот на овие луѓе. Тоа е првиот чекор кога ќе си ја ослободиме татковината од стегите и прангиите на овие што се внатре. Од тика треба да почне нашата победа, а до тогаш овде да се наоѓаме ширум улиците, плоштадите и булеварите во Република Македонија. Само така ќе дојдеме до избори и до посакуваниот триумф на тие избори, почитувани наши сопартијци. Тоа е единствената емпириска формула по која ќе се дојде до конечниот триумф.

Не можам да ветам нешто што не можам да го исполнам, но ви ветувам дека ќе работам три пати повеќе од што работат они за да ги победиме. А кога ќе ги победиме ќе работиме заедно пет пати повеќе за да ја исправиме Македонија на нозе. Да не биде клекната, да не биде омаловажена и понижена, да не биде осиромашена. Да биде горда, исправена, насмеана и радосна што во нејзе работат и за нејзе се борат горди синови и ќерки. Тоа е тоа, нема друго да ви остане освен тоа.

Сосема на крај во овој ноемвриски и штотуку декемвриски ден, би сакал да упатам една порака и да ја прочитам, до сите оние наши сограѓани , до сите оние наши сограѓани кои што вечерва не се со нас. Но знам дека со срцата се тука и знам дека ја имаме нивната поддршка во огромен број и знам дека не поддржуваат.

Почитувани сопатници, браќа и сестри наши сограѓани, Ве повикувам сите да ни се приклучите, старо и младо, машко и женско од сите нации, од сите вери, сите незадоволни, сите револтирани дојдете да се обединиме и да ги поразиме овие црнила кои што денеска ни се случуваат. Ние ќе го разбиеме стравот, а заедно со вас ќе ја донесеме победата и успесите. И како што кажа овој господин овде, да го поразиме стравот кај сите вас и да ги победиме овие што се наспроти нас.

Сега е тоа време, време е за акција. Ова не е битка за ден или за два, ќе трае подолго и свесен сум дека ќе се обидат со подмолни удари да не поткопаат, да не обесхрабрат. Но ќе би ветам дека сигурно ќе ги победиме и нема алтернатива, дури и оние новите нивни поддржувачи кои што застанаа рамо до рамо со нив од вчера.

Сите заедно на купче ќе ги победиме. Борбата ќе биде нерамномерна и тешка, ама ќе победиме. И затоа таа победа ќе биде уште по велика, по голема. Затоа што ќе ја оствариме со заеднички сили, а споделен успех. А е споделен успехот затоа што е заеднички.

Зората ќе дојде, а ние сме искрата која што ќе ја донесе таа зора.

Зората ќе го разбие мракот!

Зората ќе ги победи црнилата!

Зората ќе донесе успех!

Зората ќе изгрее за секој еден од вас!

Зора која ќе донесе ново утро, нова надеж, добрина и подобри времиња за Македонија и сите граѓани на нашата мила татковина! Ова е зора за Македонија, мора да бидеме сите заедно, еден до еден, рамо до рамо и јас ви ветувам дека победата сама ќе дојде по себе. Се гледаме многу скоро во некој од градовите во Република Македонија, се гледаме и овдека пред платото на Владата на Република Македонија.

Да живее Република Македонија!

Да живее ВМРО-ДПМНЕ!

Да сте ми живи и здрави вие!

Ви благодарам уште еднаш што дојдовте!

Advertisement