ММДЧП го повикува претседателот Иванов да преземе итни мерки за да го спречи менувањето на македонското име и идентитет

Во пресрет на незаконското, неуставното и предавничкото гласање закажано за 9 јануари 2019 година, чија цел е да се смени името и идентитетот на Република Македонија, Македонското меѓународно движење за човекови права го повикува претседателот Иванов веднаш да им даде помилување на сите Македонци кои се соочуваат со политички мотивирани кривични пријави поднесени од страна на режимот на Заев. Бараме ова помилување да ги вклучи и пратениците кои се користат како пиони за да извршат предавство во Собранието, но само доколку гласаат ПРОТИВ менувањето на македонското име. Со овој потег, Иванов би ја отстранил уцената на Заев, неговите закани и поткупите кои им ги нуди на пратениците.

Понатаму, ММДЧП го повикува Иванов веднаш да поднесе барање до Обединетите Нации со кое ќе се бара ОН да ја почитуваат својата сопствена Повелба, меѓународното право и конвенциите за заштита на човековите права, и да и се одобри членство на Република Македонија под нејзиното вистинско име. Со тоа, на законски начин, трајно ќе се стави крај на сите обиди за менување на името. Дополнително, ММДЧП бара Иванов да побара поддршка за ваков потег од Русија, Кина, Турција и од било која држава подготвена да преземе мерки за да се одбрани македонското право на само-определување и заштита на нашите основни човечки права.

Минатата година, во врска со анти-македонскиот „Преспански договор“, претседателот Иванов гордо рече: „Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор“.

ММДЧП му аплаудира на претседателот Иванов за неговиот став, но тоа само по себе не е доволно. Потребни се итни, проактивни мерки со кои ќе се спречи менувањето на македонското име и идентитет.

Режимот на Заев ги крши законите, го крши Уставот и манипулира со собраниските правила за да го спроведе своето предавничко дело. Ова не може да помине неказнето. Без оглед колку поддршка Заев добие од САД и од ЕУ во нивните обиди да се разгради македонската нација, таа поддршка не може да биде изговор за неделување. Претседателе Иванов, како шеф на државата, вие имате обврска да ја браните Република Македонија и ја имате поддршката на Македонците низ целиот свет. Дејствувајте веднаш. – стои во соопштенито на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП).