МНР на Македонија Никола Димитров, освари средба со Хајко Мас, МНР на Германија

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес оствари средба со министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија Хајко Мас, во рамки на денешната негова официјална посета на  Македонија. Акцент за време на разговорот беше ставен на очекувањата и перспективите на  Македонија, после исходот од Европскиот Совет во октомври оваа година, како и на можностите за постигнување на консензус за одлука за почеток на пристапните преговори согласно претходните заклучоци на Советот. Министерот Димитров брифираше и за развојот на последните внатрешно политички случувања по 18 октомври, за предвремените парламентарни избори во април 2020 година, вклучително и за развојот на настаните во контекст на добрососедските односи и регионалната динамика, како и за натамошните чекори од ЕУ реформската агенда. Изрази благодарност за силната континуирана поддршка на Германија во изминатиот период.

Министерот Димитров: „Неколку дена по 30 годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, неизбежно е споменувањето на симболите за подавање рака, за рушење на бариери и физички и замислени, за обединување на Европа врз основа на фундаментални слободи и демократски начела и принципи. Триесет години подоцна, апсолутно неопходно и корисно за сите, е да вложиме максимални заеднички напори за остварување на ветувањето кон Западен Балкан за негово неповратно демократско трансформирање и мериторно интегрирање на земјите во рамки на ЕУ семејството.“

Министерот Мас ја потврди цврстата поддршка на Германија кон процесот на проширување и кон евроинтегративниот пат на Македонија, како и заложбите за натамошно градење консензус за добивање на одлука за почеток на преговорите. Беа разменети мислења и за актуелните дискусии во ЕУ поврзани со политиката на проширување и предлозите за новата методологија за процесот за проширување. Се разговараше и за клучните моменти од односите меѓу двете пријателски земји и можностите за нивно продлабочување.