Началникот на Армијата, генерал-потполковник Ѓурчиновски, учествуваше на конференција на началниците на армиите (А-5) во Драч

Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес учествуваше на дваесет и третата конференција на началниците на генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5), која се одржува во Драч, Република Албанија.

Учесниците на конференцијата дискутираа на темата: ,,Зајакнување на интероперабилноста и подготвеноста на НАТО за соочување со заеднички безбедносни закани и предизвици“.

Генералот Ѓурчиновски во своето обраќање пред учесниците говорејќи за заедничките безбедносни предизвици ги истакна достигнатата интероперабилност и способности на Армијата на Република Македонија во изведување на заедничките воени активности и значењето на соработката во рамки на иницијативата, кое придонесе за нашиот напредок во реформите и веќе извесното скорешно полноправно членство на Република Македонија во НАТО, што е и една од нашите заеднички цели со оваа иницијатива.

По потпишување на заедничката изјава, како дел од програмата генералот Ѓурчиновски ќе оствари официјални билатерални средби со заменик на командантот на европската команда на Вооружените Сили на САД, генерал потполковник Стивен Твити и командантот на косовските безбедносни сили, генерал потполковник Рахман Рама.

На конференцијата учествуваа началниците на генералштабови на Армиите на земјите членки на САД-Јадранската повелба ( Македонија, Хрватска , Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора), заменик на командантот на европската команда на ВС на САД, командантите на националните гарди (НГ) од сојузните држави на САД кои се партнери на земјите од А5, како и Заменик н НГШ на ВС на Словенија и командантот на Косовските безбедносни сили во својство на набљудувачи.

Армијата на Република Македонија со активно учество во мисиите предводени од НАТО и меѓународните вежби, ја има потврдено посветеноста на основачките принципи на САД – Јадранската повелба потпишана во Тирана, во мај 2003 година, а тоа е стабилизација, просперитет и евро-атлантско интегрирање на земјите од регионот. Конференциите на началниците на генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5) се на ротирачки принцип, а Република Македонија беше домаќин на дваесет и првата Конференција.