Началникот на ГШ на АРМ, генерал мајор Васко Ѓурчиновски учестуваше на дваесет и втората Конференција на началниците на ГШ на армиите на Јадранската повелба

 

„Армијата на Република Македонија во досегашниот период со целосна посветеност придонесува во регионалната и меѓународна безбедност како да е полноправен член на НАТО Алијансата, што во целост ја отсликува стратегиската определба на Република Македонија за  целосно интегрирање во евроатланските структури“, истакна началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Васко Ѓурчиновски во своето излагање на дваесет и втора конференција  на началниците на генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5), која се одржува денес во Будва, Република Црна Гора.

Помеѓу останатото, генералот Ѓурчиновски пред присутните највисоки воени раководители на конференцијата чија тема е ,,Зајакнување на националните способности за подобрување на готовноста на НАТО“, го потенцираше нашето зголемено учество во мировните мисии за 20% и континуираното работење со полн капацитет во реформските процеси во остварување на целите од стратегискиот оперативен преглед, со цел потполна интероперабилност на АРМ во сите сфери со НАТО стандардите.

По завршување на дискусиите, началниците на ГШ на армиите од А5 потпишаа Меморандум за разбирање за обука и вежби на териториите на земјите членки и заедничка изјава со која ја потврдуваат цврстата заложба за понатамошно зајакнување на своите способности и стекнување на полноправно членство во НАТО на сите земји членки со што се зајакнува и регионалната безбедност. Во текот на денешниот ден генералот Ѓурчиновски оствари официјална средба со заменик на командантот на командата на Армијата на САД за Европа, генерал Стивен Твити, на која средба се потенцираше меѓусебната соработка и поддршката на армијата на САД во нашите напори за целосно интегрирање во НАТО, која соработка особено е изразена преку заедничките обуки и вежби но и учество во мировните мисии.

За време на конференцијата началникот на ГШ на АРМ ќе оствари и билатерални средби со своите колеги, НГШ на ВС на Хрватска, генерал Мирко Шундов, на Босна и Херцеговина, генерал полковник Сенад Машовиќ, на Албанија, бригаден генерал  Бардил Колчаку, со домаќинот, НГШ на армијата на Црна Гора бригаден генерал Драгутин Дакиќ, како и со командантот на косовските безбедносни сили генерал потполковник Рахман Рама.

Армијата на Република Македонија многукратно ја има потврдено  посветеноста на основачките принципи на САД – Јадранската  повелба, а тоа е просперитет и евро-атлантско интегрирање на земјите од регионот. На конференцијата како набљудувачи присуствуваа и високи воени претставници од Армиите  Словенија и косовските безбедносни сили, а во улога на гости командантите  или заменици на команданти на националните гарди (НГ) од сојузните држави на САД, кои се партнери на земјите од А5: НГ на Ајова, НГ на Мериленд, НГ на Мејн, НГ на Вермонт, НГ на Минесота, НГ на Охајо, НГ на Колорадо и НГ на Њу Џерси.

Република Македонија минатата година беше домаќин на дваесет и првата Конференција на началниците на генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5). Договорот за формирање на САД-Јадранската повелба, официјално е потпишан во 2003 година, со кој покрај САД како покровител, Македонија, Албанија и Хрватска се обврзаа низ институционална рамка да ја развиваат регионалната соработка во областа на одбраната. Во 2008 година, на оваа иницијатива се приклучија Босна и Херцеговина и Црна Гора, а Србија, Косово и Словенија имаат статус на земји набљудувачи во групата.

Advertisement