Насилни анти-владини протести во Тирана (ВИДЕО)

Антивладините протести во Тирана денеска ескалираа пред владината зграда. Стотици демонтранти кои протестираат против владеењето на Еди Рама, се судрија со полицијата пред зградата на премиерскиот кабинет. Дел од нив го пробија полицискиот кордон и со разни предмети, се обидоа да ја демолираат заштитната ограда пред владиниот влез. Во меѓувреме, полицијата со димни бомби и солзавец ја разбиваше толпата. Опозициските протести ги обезбедуваат повеќе од 2000 полицајци, а специјални единици беа распоредени и на владината зграда. Во немирите има и повредени лица.

Протестите ги организира aлбанската опозициска Демократска партија предводена од Љуљзим Баша кој ги повика граѓаните на масовност за да се ослободат од актуелната власт, која ја оценија како коруптивна и криминална банда. На протестот присуствуваше и поранешниот државен лидер Сали Бериша, кој побара итна оставка од Рама.

„Граѓаните се суверенитетот на оваа земја. Тие ќе одлучат кој ќе ја води државата. “ – порача Сали Бериша, поранешениот претседател и премиер на Албанија.

За немирите во Тирана, реагираше и претседателот Илир Мета, кој апелираше на воздржаност и мирни протести. Следејќи ги опозициските протести со посебно внимание, упатувам апел за воздржаност од сите страни за да се избегне конфронтација и наслство. Граѓаните треба да протестираат слободно и треба да се почитуваат институците – порача претседателот Илир Мета – претседател на Албанија.

Опозицијата бара оставка од Рама, нова техничка влада и предвремени избори. Премиерот Еди Рама пак, додека траше протестот, на гостување во Валона, ветуваше нови работни места. Немирите и насилствата ги осудија и Европската Унија и американската амбасада во Тирана. А, освен на улица, неретки се тензиите и во парламентот, каде пред неколку дена, опозиционерите го испрскаа Рама со мастило, за време на ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Македонија кон НАТО.

Advertisement