Нерешителноста на ЕУ околу Балканот ја подрива нејзината политика

Надежите за влез во Европската Унија сѐ повеќе се намалуваат за Албанија, откако земји како Франција и Холандија го губат интересот за проширување на ЕУ кон Западен Балкан, и покрај повиците на Европската комисија за почеток на процесот на пристапување, пренесува „Јуроњуз“.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, го искажа своето незадоволство во врска со ситуацијата, додавајќи дека приклучувањето кон Европа останува важен чекор за државата, и покрај бариерите.

Мораме да се соочиме со тоа дека сè почесто носењето одлуки на Советот не се заснова врз она што го правиме, врз она што го прават земјите како нас, туку на внатрешната состојба или внатрешната политичка динамика во различни земји-членки – вели Рама.

И Албанија и Македонија имаа проблеми поврзани со владеењето на правото, а тоа го забави патот кон членството.

Минатиот месец комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, рече дека Македонија треба да го реформира своето судство за да се осигури дека може да се справи со случаи на криминал и корупција од високо ниво, пред ЕУ да определи датум за почеток на преговорите за пристапување.

Прашањето за почнување на пристапните преговори за двете земји се очекува да се актуелизира во октомври.

Политичкиот експерт Флоријан Бибер истакна дека негативниот став на Франција и на Холандија кон проширувањето може да испрати негативна порака до владите на Македонија и на Албанија, кои пак, би можеле да мислат дека не вреди да се направат тешки компромиси доколку не бидат прифатени во блокот.

Ова особено се однесува на Македонија која толку многу работеше на решавањето на спорот со името – рече Бибер.

Според политикологот, Франција претставува поголема пречка. Тој смета дека најдобар начин овие земји да ѝ докажат на Франција дека се променети е да вложат огромен напор во справувањето со прашањата на владеење на правото и корупцијата, со што би создале предност во ЕУ и земјите-членки би вршеле притисок врз Франција.

Бибер додаде дека овој недостаток на ангажман од страна на Унијата може да отвори прашања во врска со тоа дали ЕУ воопшто е способна да стори нешто. Неизвесноста околу изборот на следниот комесар за проширување ги зголеми стравувањата дека политиката на проширување дополнително ќе ја деградира агендата на ЕУ./www.novamakedonija.com.mk