Македонците, без разлика на местото на раѓање, живеење или работење, се составен и нераскинлив дел од македонскиот народ. Оттука, Македонија како заеднички именител и обединувачки елемент на македонскиот национален супстрат има обврска да се грижи за сите Македонци. И обратно! Македонците од Бугарија, Србија, Грција и од Албанија, како и многубројната македонска дијаспора од Европа, Америка и од Австралија, имаат право и обврска да ги следат, да се грижат и да ги искажат своите ставови за состојбите и случувањата во нивната матична држава и да вложат напори за развојните политики што ја засегаат целата македонска нација. „Нова Македонија“ конципира еден мини-проект за да ги сондира мислењата, ставовите и стремежите на македонскиот народ што живее надвор од границите на својата матична држава, во врска со нивната информираност за политичките, економските, безбедносните и други состојби внатре во Македонија, и од една пообјективна дистанца однадвор да ги презентира за македонската јавност нивните размислувања и реакции. „Нова Македонија“ во неколку наврати ќе објави интервјуа со претставници на Македонците надвор од Македонија, во соседството и со македонската дијаспора, во кои ќе бидат опфатени повеќе теми за тоа како тие надвор ги чувствуваат општествените движења во Македонија, но и што може да направат тие за да се унапреди функционалноста на Македонија како матична држава на целиот македонски народ.
Интервју со Никола Ѓурѓај, претседателот на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Албанија
Никола Ѓурѓај, претседателот на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, е еден од најангажираните Македонци во Република Албанија. Покрај тоа што е претседател на македонското здружение „Илинден“ со седиште во Тирана, тој е и познат политички аналитичар и главен уредник на единствениот печатен медиум на македонски јазик во Албанија, весникот „Илинден“. Со Ѓурѓај разговаравме за повеќе прашања што се поврзани со Македонија.
Каков е вашиот став за великоалбанските пројави?
На секоја националистичка и шовинистичка пројава, вклучувајќи го великоалбанизмот, треба внимателно да ѝ се пристапува. Голем дел Албанци во Република Албанија се свесни дека идејата за голема Албанија не може да се оствари. Но одредени политички фактори во Албанија и Косово ја експлоатираат оваа концепција за мобилизирање на гласачите. Треба да се реагираа на овие пројави, но потребна е посуштинска активност. Сметам дека е потребна една развојна политика што ќе создава нови работни места, политики што ќе ги задржи младите во Македонија, стратегија што ќе биде насочена кон јакнење на институциите, бидејќи тие се суштината на државата. Со секоја појава што ги нарушува суверенитетот и интегритетот на државата, вклучувајќи ги и великоалбанските пројави, треба да се дејствува институционално. Доколку некој истакне симбол и знаме што се спротивни од темелите на Македонија, треба инстантно и неселективно да одговара според законите на државата. Насекаде е така, и во Европа и во светот. Така се штитат државата, поредокот, Уставот и законите! Анемичните осуди и калкулации за овие појави што се на дневна основа, односно се поставени врз принципот на популизам, и се денес за утре, немаат ефект. Потребна е долготрајна стратегија на државните институции, кои ќе се занимаваат со проблематиката што ги опфаќа радикализмот и шовинизмот.
Дали Македонија како матична држава треба да се грижи за малцинствата?
Најкраткиот одговор е – да! Македонците немаат друга држава освен Македонија. Во овој момент пописот им е главен приоритет на Македонците во Република Албанија. Македонија мора да биде заинтересирана за пописот затоа што со изјаснувањето како Македонци ќе се спречи асимилацијата, која повторно зема замав, ќе се зачуваат македонскиот јазик и култура, а наедно ќе им се застане на патот на стремежите за нивна асимилација од страна на Бугарија. Македонија мора институционално да се поврзе со малцинствата и македонската дијаспора, мора да има координација. Мора да објаснам дека не станува збор за мешање во внатрешни работи на други држави, туку за зачувување и негување на македонските особености низ светот, како што се јазикот, културата, историјата итн. Впрочем, многу други држави и нации постапуваат слично, само видете го примерот на Франција, која се грижи за францускиот јазик на сите континенти низ светот, или пристапот на Јапонија кон културата и обичаите. Македонските политички фактори мора институционално да се грижат за сите Македонци, без разлика на нивното место на живеење. Македонските институции мора да комуницираат и соработуваат со македонските друштва, клубови и други организации. Со поддршка на државата ќе продолжиме да работиме поуспешно на зачувувањето на нашиот идентитет, култура, традиции, историја и обичаи.
Каков треба да биде односот на Македонија кон медиумите на Македонците во Албанија?
Во Албанија има неколку медиуми на македонски јазик. Во 2011 година, македонското здружение „Илинден“ во Тирана започна со објавување весник на македонски јазик „Илинден“. Овој весник сега има своја веб-страница. Во 2012 година македонското здружение „Сонце“ го лансира порталот „Македониум“ на албански и македонски јазик. Од 2010 до 2016 година во Корча, локалната ТВ-станица Кристал обезбеди музика на македонски јазик, како и емисии на македонски јазик од македонска продукција. Во 2017 година на главната државна телевизија ТВШ започна програмата на македонски јазик. Се емитува на македонски јазик пет пати неделно (понеделник, вторник, среда, четврток и петок), по 30 минути, од кои пет минути се обезбедени главно со вести преведени на албански јазик, а околу 25 минути се емитуваат песни во продукција на Македонската државна телевизија (МТВ). Меѓутоа медиумите на македонското национално малцинство се соочуваат со голем број проблеми, пред сѐ од финансиска природа, немање искуство, немање обука на персоналот и др. Најчесто тие се потпираат на привремени донации и грантови. Финансиските тешкотии дополнително ја отежнуваат работата на електронските медиуми, кои имаат многу повеќе трошоци. Радио Преспа, единствено радио на македонското национално малцинство што им припаѓаше на малцинствата, одамна престана да емитува. Мислам дека е потребна поддршка од македонските институции, односно од матичната држава, слично како што постапуваат и соседните држави. Имено, само погледнете го примерот со Бугарија, која морално и финансиски поддржува некои од медиумите во Македонија или во Албанија. Дополнително е потребно продлабочување на соработката помеѓу македонските медиуми од двете страни на границата, слично како што постапуваат медиумите на албански јазик од Македонија и Албанија. Тие имаат совршена соработка на професионален план. Сметам дека ова е одличен пример и за нас. Медиумскиот простор ќе се збогати доколку медиумите соработуваат од двете страни, а македонското малцинство ќе има подобра слика за случувањата и состојбите во матичната држава.