Нови летови во летната сезона

 

Летната сезона носи нови летови од македонските аеродроми. Од 22 јуни ќе се воспостави врска меѓу охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ и Катовице. Со чартер летови почнува најголемиот полски тур-оператор „Рего-бис“, пишува Лидер.

Еднаш неделно 200 полски туристи ќе доаѓаат на Охридското езеро, благодарение на договорот кој го потпишавме со еден од најголемите полски тур-оператори. Со добрата соработка која ја имаме со Министерството за транспорт и врски, општина Охрид и со сите државни авијациски и туристички институции, сигурни сме дека ќе продолжиме да го развиваме охридскиот аеродром и да придонесуваме за развојот на локалниот туризам, вели генералниот директор на „ТАВ Македонија“ Алпер Ерсој. Унгарската нискотарифна компанија „Виз ер“ од 14 и 16 јули почнува со летови од аеродромот „Александар Велики“ кон Малта, Рим (Чампино) и Ваксјо (Шведска).

-Нашата инвестиција во базата во Скопје со дополнителен воздухоплов, со три нови линии и зголемени фракфенции на постојните летови значи повеќе работни места во Македонија и во „Виз ер“, но и кај нашите бизнис-партнери. Тоа дополнително ќе ги стимулира туристичките и угостителските индустрии и ќе ги зајакне бизнис-односите во Македонија, смета првиот човек за корпоративни прашања во унгарската компанија, Овен Џонс.

Со новите инвестиции, бројот на вработени во „Виз ер“ во Скопје се искачува на 150 луѓе. Компанијата само во 2016 година превезе над милион патници на нискотарифните македонски рути, со што оствари раст од цели 27% на годишно ниво. Од двата македонски аеродрома нуди 29 линии до 13 држави.

Од 17 јуни почнува да функционира и новата авиолинија Скопје – Доха – Скопје. Со ова за македонските граѓани се отвора и Блискиот Исток. Оваа дестинација ќе ја оперира авиокомпанијата „Катар ервејс“.

Исто така, македонските воздухопловни власти разговараат и со „Туркиш ерлајнс“ за воведување директни летови кон САД и Канада. Се смета дека овие интерконтинентални летови ќе бидат од големо значење на нашинците од дијаспората.

-Воведувањето на еден ваков лет ќе овозможи и зголемување на бројот на патници кои ќе транзитираат низ домашните аеродроми, како и создавање од аеродромот „Александар Велики” еден водечки регионален центар, објаснуваат од Министерството за транспорт.

Моќната „Луфтханза“ влегува на македонскиот пазар. Тоа ќе го направи преку германската нискотарифна „Еуровингс“ (дел од групацијата „Луфтханза“). Оваа авиокомпанија од 31 октомври ќе воспостави линија меѓу Скопје и аеродромот „Франц Јозеф Штраус“ во Минхен, главниот аеродром во овој град. Ќе се лета двапати неделно, во вторник и во петок.

Македонските граѓани и сите наши патници од регионот ќе добијат дополнителна врска со овој германски град, како и нови можности за европски и интерконтинентални конекции, благодарение на кодшер договорот меѓу „Луфтханза“ и компанијата ќерка „Еуровингс,  велат од „ТАВ Македонија“.

 

„Еуровингс“ веќе оперира во повеќе од 40 држави, а е позната по добрата мрежа на рути до атрактивни туристички дестинации. Оваа компанија е присутна и во соседството, односно во Албанија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Турција.

 

Advertisement