Нови мерки против коронавирусот во Германија

Од полноќ во Германија стапија на сила измените на Законот за заштита од заразни болести кој овозможува автоматско воведување построги мерки во борбата против ковид-19, меѓу кои се забрана за движење меѓу 22 и 5 часот, и тоа во градовите и општините во кои седумдневната инциденца на заразени надминува 100 луѓе на 100 илјади жители. Во моментов 345 од 412 окрузи во Германија имаат повеќе заболени од овој број. Германските власти апелираат граѓаните да ги почитуваат мерките. Особено е спорна мерката за забрането движење ноќе, за што е покрената постапка пред Уставниот суд.

Во продавниците што не се за храна и лекови може да влезе само муштерија со негативен тест и тоа во претходно договорен термин. Ако седумдневната инциденца надмине 165 заболени на 100 илјади жители целосно се преминува на онлајн настава, а училиштата затвораат. Уште во ноември беше воведена забрана за работа на културни, спортски и угостителски објекти.

Advertisement