Новиот закон за малцинства во Албанија не ги решава проблемите на македонската заедница

 

Во Тирана, Партијата за човекови права, по повод 10-ти декември, Меѓународниот ден на човековите права, организираше тркалезна маса на тема „Законот за заштита на националните малцинства, де факто, чекор назад за почитување на нивните права“. Учествуваа преставници на грчката, македонската, влашката, ромската и египќанската заедница во Албанија, како и преставници на странските амбасади во Тирана.

Како што истакнува Васил Стерјовски, генерален секретар на Македонска Алијанса за Европска Интеграција (МАЕИ) партија на Македонците во Албанија, преставницте на малцинствата биле едногласни дека со усвојувањето на „Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија“ не се почитуваат правата на малцинствата, ниту се земени предвид препораките на Советот на Европа и побараа меѓународна подршка со цел албанската влада да го измени законот, каде би се прифатиле препораките на малцинствата.

Во моето излагање, во името на македонската заедница, истакнав дека сите малцинства во фазата на изработка на овој закон дадовме свои предлози, но тие не беа прифатени и се донесе еден закон што не е во духот на препораките на европските институции. Очекуваме да бидеме дел од фазата на изработката на законските одредби со кои ќе се овозможи спроведување на овој закон, но можеме да заклучиме дека најголем дел од правата што произлегуваат од овој закон ќе се применуваат само во малцинските области признати од комунистичкиот режим и со новата територијалната реформа од 2014 година само во три општини Пустец, Дропул и Финиќ, а не на целата територија“, вели Стерјовски.

„Законот за „Заштита на националните малцинства во Република Албанија“ за македонската заедница не ги решава проблемите со почитување на основните човекови права на целата територија на земјата. Исто така, овој закон ѝ создава големи проблеми на македонската заедница со признавањето на измисленето бугарско малцинство, откако Бугарија се закани дека ќе стави вето на членство на Албанија во Европската Унија. Ние како македонска заедница сме против негирањето на правата и слободите на секој поединец, граѓанска група или заедница, но не можеме да прифатиме, денес во 21 век, да се применуваат политики од 19 век, за негирање на македонската нација“, порачува Стерјовски.

Во Албанија, во согласност со сите историски факти, пописите реализирани во текот на годините, во областите Преспа, Голо Брдо и Гора каде што Бугарија бара бугарско малцинство, има малцинство кое е декларирано за македонско, кое има ист фолклор, традиција и јазик со македонскиот народ, живее во компактни области на граница со Македонија и има територијален континуитет со Република Македонија. Како што додава Стерјовски, признавањето со овој закон, на непостоечко бугарско малцинство во Албанија, покрај тоа што е научна и историска деформација, исто така е сериозна провокација, создавајќи непостоечки реалности и вештачки ни создава многу проблеми со Бугарија, која цели на негација на македонската заедница во Албанија.

 

 

Advertisement