Новогодишно обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов (ВИДЕО)

Доаѓањето на новата година кај секој од нас буди нови надежи, нови очекувања и копнежи за поубава, посреќна и безгрижна иднина. Годината што измина сите сакаме што побрзо да ја заборавиме, а годината што доаѓа да биде година на остварување на сите наши желби и соништа. Во овие моменти кога ја чувствуваме моќта на надежта и на радоста, се навраќаме на основните човечки вредности. Ја чувствуваме потребата да бидеме солидарни, хумани, чесни и праведни. Да се сакаме, да си простуваме и да се почитуваме.

Позитивните мисли што носат ведрина во овие празнични денови, треба да не водат во текот на целата година. Но, да бидеме и доблесни да ги признаеме сопствените грешки и пропусти и да учиме од нив. Да бидеме храбри пред повикот на одговорноста и сите заедно да се посветиме и да градиме праведно општество засновано врз вистината, слободата и мирот. Само во успешна и просперитетна татковина ќе можеме да ги оствариме нашите желби.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Овие празнични мигови ви посакувам да ги поминете достоинствено и спокојно, со луѓето кои најмногу ве сакаат, почитуваат и чуваат. Ви посакувам многу здравје, радост и среќа, и на секој предизвик да одговорите со мудрост и со добрина. Ви посакувам да имате меѓусебно разбирање, доверба и многу љубов во семејството, со пријателите, соседите, колегите и со сите ваши сограѓани. Од сè срце ви посакувам Среќна Нова 2019-та Година! – стои во честитката на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

Advertisement