Обединетата македонска дијаспора: Никој нема право да одлучува за иднината на Македонија, освен народот

 

Обединетата македонска дијаспора потсетува дека нашиот долгогодишен став за решавања на кризи во државата е дека тоа треба да се прави единствено преку институциите на системот на Република Македонија и со целосно почитување на Уставот, а не преку бојкотирање на македонските институции, коешто е добро позната практика изминатите 25 години. Само преку транспарентна дебата во Собранието ќе се овозможи постигнување компромис и ќе обезбеди решавања на сите прашања од позиција на граѓанските интереси, без нарушување на националните интереси на нашата татковина. Народот е тој кој ќе одлучува за иднината на Република Македонија, а не политичките парти или пак меѓународниот или регионалниот фактор. 22ри ден како граѓаните на Македонија, низ 33 градови, учествуваат во граѓанската иницијатива “Илинден 4” – според која, достоинствено се разбуди народот во духот на Крушевскиот манифест да каже НЕ за нарушувањето на суверинитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.

Кон оваа иницијатива, како што изјавуваат медиумите, се приклучуваат и актери, пејачи, писатели, естрадни уметници, спортисти, разно разни здруженија од различни области кои оперираат во Македонија. Поддршка секојдневно надоаѓа и од повеќе држави во светот каде живее Македонско население. Следејќи го внимателно развојот на оваа иницијатива, ОМД предупредува на будност, наспроти обид за злоупотреба на правото на мирен протест и изразување на граѓанската волја од страна на која било политичка партија, а со цел остварување на своите лични и теснопартиски цели и интереси, пред националните. Народот не смее да дозволи да потпадне под политичка манипулација и притисок.

ОМД најстрого ги отфрлува и осудува нападите врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија. Да потсетиме дека, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија беа загрозени со мешањето на албанскиот премиер Еди Рама во внатрешните работи на Македонија, со самото објавување на Тиранската платформа на сам ден Божиќ. Оваа платформа ја претвори политичката криза во етничка криза, којашто ја згрозува и социо-економската стабилност на државата, но и на регионот.

Темелите на државата се веќе изградени и поставени, па затоа дебата за менување на името, знамето, химната и грбот не смее веќе да се отвора, а ОМД и народот нема да дозволат политичките партии и натаму да си играат со иднината на Македонија. ОМД ги повикува сите граѓани на заемно разбирање и градење на македонското општество во духот на Крушевскиот манифест и на темелните вредности зацртани во член 8 на Уставот на Република Македонија. Доста беше, време е конечно да се реагира соодветно! ОМД стои силно зад суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата татковина и ќе продолжиме да лобираме преку нашата мрежа во светот за поддршка на Република Македонија и на македонскиот народ.

Advertisement