Одбележан Денот на независноста на Македонија и 26 годишнината од осамстојувањето во Канaда

Во организација на Светскиот Македонски Конгрес – Канада и македонските цркви и организации од цела Канада, вчера на 16 септември 2017 година во храмот на Македонската Православна Црква “Свети Климент Охридски“ во Торонто, беше одбележан Денот на независноста на Македонија и 26 годишнината од осамстојувањето!

Прославата беше одложена од 8 септември поради тоа што Македонската амбасада ја откажа организацијата на прославата, откако министерот за надворешни работи на Македонија Никола Тодоров го повлече генералниот конзул Јовица Палешевски од Торонто назад во Македонија, по пријава на грчкото министерство за надворешни работи, дека бил сликан со картата на Македонија во нејзините етно-историски граници за време на Македонската Илинденска прослава на 2 август годинава.

Светскиот Македонски Конгрес – Канада ја презеде организацијата заедно со македонските црковни општини и организации, Денот на независноста на Македонија не беше откажан.

Во рамките на прославата во Арт-Галерија во Црквата “Свети Климент Охридски“ беше организирана изложба на уметнички дела од познатите македонски автори од Канада: Наташа Денковска, Николина Петровска и Афродита Јанева.

Водители на програмата беа Флорина Магденовска и Веле Тошевски. По изведувањето на националните химни на Канада и Македонија, поздравни говори пред присутните одржаа на македонски јазик Боне Боби Темелков, претседател на Светскиот Македонски Конгрес – Канада и заменик-претседател на Светскиот Македонски Конгрес и на англиски јазик Јован Трајчески, заменик-претседател на Светскиот Македонски Конгрес – Канада.

На 8 септември 1991 година се одржа референдум, на којшто Македонскиот народ и македонските државјани во апсолутно мнозинство гласаа за “Суверена и самостојна држава Македонија“ без додавки и без придавки! Одлуката на референдумот за сите е задолжителна! Македонците во Канада и во светот бараат итен и безусловен крај на разговорите со Владата во Атина и продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија! Повикуваме на семакедонско помирување и обединување за одбрана на името на државата и идентитеот на нацијата, – рече Боне Боби Темелков, претседател на Светскиот Македонски Конгрес – Канада и заменик-претседател на Светскиот Македонски Конгрес во своето поздравно обраќање.

Присутните ги поздравија и претседателот на Меѓународното здружение за македонските човекови права Бил Николов, претседателот на Македонското патриотско здружение “Андон Јанев Ќосето“ во Канада Живе Латиновски, претседателот на Македонската студентска асоциација во Торонто Веле Тошевски и претседателот на Македонската црква “Свети Климент Охридски“ Чедо Миленковски.

Во програмата настапи културно-уметничкото друштво “Македонка“ од Торонто со сплет на македонски ора, а Анастасија и Теодора Попоски ги пееја македоснките песни “Македонско Девојче“ и “Јовано Јованке“. Вечерата ја благословија свештеници од македонските православни цркви во Канада, а беше пресечена и роденденска торта за годишнината од осамостојувањето на Македонија. Присутните изразија задоволство од организацијата на прославата и уверување дека и догодина ќе учествуваат на овој традиционален настан.

Advertisement