Одбележан патронот на манастирот Света Марена во Туминец, областа Мала Преспа

Во селото Туминец, Мала Преспа, одбележан е патронот на манастирот Света Марена, празник кој Македонците во Мала Преспа, традиционално го слават заедно и каде и да се иселени тие за овој празник се тука. 

По повод денешниот празник посветен на Света великомаченица Марина – Марена – Огнена Марија, како и изминатите години, одбележувањето почна од синоќа кога во дворот на манастирот до доцна во ноќта се виеше македонско оро и се пееја македонски песни.  

По денешната богослужба што ја одржаа свештениците Алексо Темелко и Ропи Арѓири и двајцата Македонци од Мала Преспа, верниците продолжија со одбележувањето. 

Од негово и од име на Македонска алијанса за европска интеграција празникот го честиташе партискиот лидер Васил Стерјовски. 

Честит и вековит да ни е денешниот ден посветен на  Света Марена, да ни е на помош и да ни дарува здравје, многу радост, среќа, благосостојба, стои во кусата честитка. 

Честитка за празникот, со истите желби, до жителите на Мала Преспа испрати и Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво “Илинден“-Тирана. 

Инаку, селото Туминец е едно од деветте населени места во Мала Преспа. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење – Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители.  

Овој преубав манастирот датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Се наоѓа на самиот брег од Преспанското Езеро, покрај местото наречено Писан Камен, локација која самата по себе му дава дополнителна убавина и привлечност. Во него се наоѓаат поголем дел од моштите на Светицата каде сè уште се случуваат чуда над нејзините мошти.

Advertisement