Одбојкарите на Македонија по вторпат на ЕП

Македонија е на чекор до промоција на ЕП 2021 откако нашиот национален тим го доби денешниот последен натпревар против Турција со 3-1 во сетови. Турците остануваат првопласирани во групата, но Македонија со три победи на вкупно четирите средби е многу блиску до промоција како една од најдобрите пет второпласирани репрезентации во седумте групи. Неколку групи се уште не се ниту стартувани, па не може да следи официјална промоција, но со одличните игри и резултати на двата турнири во Скопје многу извесно е дека нашите одбојкари повторно ќе бидат дел од еден континентален собир, втор во низа за избраниците на Матијашевиќ.

Одбојкарите на Македонија одлично го отворија првиот сет во натпреварот против фаворитот Турција. Поен за поен обезбедуваа двете репрезентации, па во една речиси изедначена игра, нашиот тим успеа да дојде до одлична предност од 15 – 11. Турската репрезентација повика тајм-аут, но ова не донесе спас од „спартанците“, кои продолжија со одлична игра и брзо зголемија на 18-11. Македонија квалитетната игра ја задржа до крајот на првиот сет, покажавме сила, карактер и одлучност, а ова донесе предност за нашата репрезентација од 25 – 19, за вкупно 1-0 во сетови.

Турција фуриозно го стартуваше вториот сет, без никаква трага на психолошки пад по лошата игра која ја прикажаа во стартот на натпреварот, па за краток период обезбедија преност од 1-8. Нашите момци не се откажаа, се прибраа и покажаа концетрација со која дојдоа до неколку поени во низа, па од минус седум, одбојкарите на Македонија намалија на минус три. Ова беше игра која даде ветер во грб на нашите репрезентативци, па големата мотивација ни донесе прво реми во вториот сет и резултат од 15-15 . Тензичната игра продолжи до крајот на вториот сет, а Турција не се предаде и ја неутрализираше нашата борбеност, па со неколку поени во низа, гостите дојдоа до резултат од 1-1 во сетови (25-21).

Во третиот сет двете репрезентации покажаа цврста игра и најавија голема тешка битка. Се играше поен за поен, атрактивно и речиси безпрекорно. Нашите момци во моменти попуштија во ритам, па разликата на гостите достигна и до 3 поени. Сепак, „спартанци“ не се откажаа и беа доста „жилави“, па направија пресврт и дојдоа до предност од поен разлика 18-17. Оваа игра ја задржавме и направиме одлична предност која донесе освојување на вториот сет со вкупен резултат од 2-1 (25-23). Во еден ваков турнир, секој поен и секој сет е важен, па затоа овие два освоени сета беа непоходни за да Македонија се доближи до остварување на европскиот сон.

Понесени од прикажаните извонредни игри во претходните три сета, одбојкарите на Македонија стартуваа одлично и во четвртиот сет, па брзо направија предност од 5 поени разлика. Турција беше во паника и неверување, а нашиот тим ова го искористи во своја полза и постојано ја одржуваше предноста над гостите. „Спартанците“ со ваквиот настап најавија победнички менталитет и голема победа, па овој сет го завршија со вкупен резултат од 25-18.

Advertisement