ОМО “Илинден”-Пирин – Стојко Стојков: Комунизмот во Бугарија падна но не и политиката против македонската нација

 

Интервју со Стојко Стојков, копретседател на ОМО “Илинден”-Пирин и борец за правата на  Македонците во Бугарија.

И пред и по Советот на министри за надворешни работи на државите членки на ЕУ нема никакво поместување или приближување на ставовите меѓу Македонија и Бугарија. Г Стојков како истакнат борец за правата на македонското малцинство во Бугарија, како гледате на ветото за европската иднина на Македонија?

Како на нешто очекувано и одамна најавено. Ако има нешто за кое Македонија нема право да ѝ се лути на Бугарија, тоа е дека последната своја антимакедонска намера ја има некако криено. Блокадата на еврочленството на Македонија и злоупотребата со позицијата член за да се постават националистички ултиматуми беше најавена на безброј начини. Секој кој барем малку ја следеше бугарската јавна мисла, знаеше дека тоа е гарантирано. Нема член во било која македонска организација во Бугарија кој да имал и трошка сомнеж по тоа прашање. Го кажуваме со години. И ако за македонската јавност, која не ги следи случувањата во Бугарија, бугарското вето може да е и изненадување, какво е извинувањето на македонската политичка класа за тоа? Последниот член на ОМО “Илинден”-Пирин би завршил подобра работа по однос на Бугарија од сите министри за надворешни работи на Македонија заедно. И тоа не го сметам како комплимент за нашите членови.

Речици целиот политички бугарски врв е обединет во искривувањето на историската вистина за Македонија, на што се должи тоа?

Тоа е последица од 50 годишна организирана сеопфатна политика започната од Тодор Живков во раните 1960-ти години. Нејзината цел е елиминирање на македонското малцинство како политичко прашање и објективна реалност од една страна и редефинирање на македонската нација на пробугарска основа. Создавањето на единствена позиција по македонското прашање е постигната со голем напор, вклучително елиминирање од политичкиот, научен и општествен живот на секој кој не ја подржува ова линија. Таков беше случајот со мајката на поранешниот премиер Сергеј Станишев – Дина Станишева, која изгуби работа и научна позиција затоа што како филолог признаваше македонскиот јазик. Тоа се случуваше на сите нивоа последните 50 години. Секое отклонување од оваа линија ви носи етикетата национален предавник. Комунизмот во Бугарија падна но не и политиката против македонската нација. И сега Бугарија има вице-премиер, соработник на службите за безбедност имено по македонското прашање. Но и без него во владата, пак ништо немаше да е различно. Оваа политика го опфати и народот и сега мнозинството верува во пропагандата што му се сервира и подржува ултиматум и вето против Македонија.

Дали бугарските властодржци навистина не се свесни за случувањата во минатото или во позадина се крие нешто друго. Што е тоа?

Тие живеат во 50 години во својата ехо-чемер и антимакедонизмот се претворил во дел од националната идеологија на Бугарија. Политичкиот врв ги отстрани сите научници што го признаваа македонскиот јазик и се погрижи само негови негатори да прават научни кариери. Истото стана и во историјата и т.н. И сега кога политичарите бараат совет од своите научници тие ја добиваат лагата што нивните претходиници ја имаат поставено таму. Го труеја народот со децении со антимакедонска пропаганда и сега народот бара од политичарите да ја наметнат „бугарската вистина“ на Македонија. Паднати се во сопствената стапица, веруваат во сопствената пропаганда и се заложници на сопствените лаги. Бугарската елита е израсната со програмите за патриотско воспитување на младината, клучен момент во која беше дека сѐ македонско е бугарско. И да се свесни некои од нив дека е тоа лага, што им останува освен да продолжат да лажат?

Очигледно стравот е голем од постоењето на македонскоо малцинство во Бугарија. Нашите браќа како што тие милуваат да не нарекуваат, бараат Македонија не знам по кој пат, да се откаже од македонското малцинство. Колку Македонци живеат во Бугарија и дали уште се применуваат познатите бугарски методи за асимилација на Македонците во Бугарија?

Апсурдот тука е што Македонија последните 30 години така и не го има подигнато прашањето за македонското малцинство во Бугарија. Дури и уставни промени направи за да ги задоволи во тој однос Бугарија и Грција. Но за Бугарија тоа не е доволно. Таа сака не само Македонија да не го подига тоа прашање, но и да гарантира дека никогаш нема да го подига и да даде јавни гаранции дека такво малцинство нема. Ова е апсурдно и неостварливо барање. Постоењето на малцинствата е прашање на факт и самоопределба и Македонија ниту може да создаде, ниту може да го избрише македонското малцинство. Бугарија со политиката на асимилација и дискриминација 50 години не успева да го постигне тоа. Но бугарските идеолози се во паника од можноста Македонија како Европска членка некој ден да го подигне тоа прашање во Европа, зашто тогаш Бугарија нема да има како да се спротивстави. Од тука е паниката, од тука се апсурдните барања, од тука е стремежот да се редефинира македонската нација на начин кој да направи невозможно да постои македонско малцинство во Бугарија. Затоа е и нападот против јазикот. Во моментот бугарската држава се вади пред светските институции дека без разлика што илјадници бугарски државјани се самоопределуваат како Македонци, тие не се малцинство, затоа што самоопределбата е субјективна, додека објективно тие треба да бидат Бугари. Но ако има посебен македонски јазик (како што во целиот свет и научно и инаку е прифатено), и ако македонската нација се појавила и развила пред Пиринска Македонија да влезе во Бугарија, тогаш оваа нивна заштита паѓа во вода и Македонците имаат право на изучување јазик и останатите права на националните малцинства, уште повеќе што во минатото истите ги уживале во Бугарија. Никој не знае колку Македонци живеат во Бугарија. Деновиве можете да ја слушнете пак бугарската пропаганда дека наводно во Бугарија имало над два милиони Македонци. Некои во Македонија брзаат да се израдуваат на оваа лага. А целта на истата е да покаже дека наводно мнозинството од Македонците живеат во Бугарија и се чувствуваат Бугари. Реалната бројка е поскоро околу 600 – 700 000 Македонци по потекло, мнозинството од нив се самоопределуваат како Бугари веќе со генерации, а многу ниту не се сметаат за Македонци дури ниту по потекло, географски. Оние што се самоопределуваат како Македонци се илјадници, но благодарение на редовните манипулации на пописите нивната вистинска бројка останува непозната. Против оние што продолжуваат и псоле сѐ да се самоопределуваат како Македонци политиката на дискриминација и асимилација продолжува, со една суштинска разлика – веќе не ги праќаат во затвор. Но не можат да регистрираат организации, да учествуваат во општествениот живот како Македонци, ги третираат како национални предавници и непријатели на државата, постојан објект се на исмејување во медиумите и не можат да се заштитат ниту преку судот, ниту на друг начин. Антимакедонското однесување во Бугарија е општествено прифатливо и дури пофално. А малцински права – немаат никакви.

Дали во битката за „бугарската вистина“, тамошните политичари отидоа до таму што служат за потсмев во Европа?

-Да, но за жал Бугарија одамна служи за потсмев и жалење во Европа. Нема позитивен критериум по кој Бугарија да не е на последно место, ниту негативен по кој да не е на прво. Веројатно и затоа во Софија не чувствуваат колку се понижуваат – за нив тоа е нормална состојба. Последниот таков гаф е на министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, која изјави дека Македонија не може да стане членка на Европската унија се додека го слави Тито. Очекувате ли уште такви како да ги наречам искривоколчени „аргументи“? Ќе има уште многу такви во иднина. Особено што ќе бараат начин да измислат причини кои некако да се прифатливи за Европа. Зашто бугарските „аргументи“ против Македонија надвор од Бугарија се гледани со смеса од неверица и потсмев. Глупостите што министерката ги зборува не доаѓаат од таму што таа не знае што зборува. Захариева не е проблемот – бугарската политика против Македонија, на која таа е само моментен изразител е проблемот. Такви апсурди во Бугарија се зборуваат постојано и се третираат како очигледни вистини. Македонија никогаш не реагирала на слични провокации во минатото и бугарскиот политички врв само добива на самодоверба. Тие толку децении ги имаат повторувано мантрите на антимакедонството што апсурдот за нив се претворил во нормала.

Сведоци сме дека ЕУ иако укажува дека проблемот за историјата, македонскиот јазик и идентитетот двете земји треба да ги решат билатерално, сепак не слушнавме некоја поостра европска осуда. Од друга страна домашните експерти се децидни, дека Бугарија не само сега туку и во иднина ќе продолжи со блокирање на стартот на преговорите. Потребна ли е нова стратегија?

-Европа и не е способна да зборува строго со било која своја членка. Но, не е тоа  важното. Прашањето е дали Европа е доволно мотивирана да ги присоедини Западните Балкани или не. Ако е мотивирана, тогаш Бугарија, ако не сега тогаш следната година, ќе ја прекршат. Бугарската политичка класа е класа на страшливци – тие се силни само против земји како Македонија и тоа кога ги имаат зад себе НАТО и Европскиот сојуз. Ако Европа не е мотивирана доволно, тогаш бугарското вето може да биде добро извинување за запирање на ширењето на Европа. Потребна е долгорочна стратегија против таквиот предизвик. Стратегија која да има за цел не само да се блокира таквата намера, но исто и да ја излечи бугарската заблуда и надеж за некаква бугарска иднина или минато за Македонија. И во таа стратегија македонското малцинство во Бугарија неизбежно треба да има важно место. Без смена на бугарската политика по тоа прашање објективно е невозможно да има стабилно и пријателски односи меѓу двете земји. Премолчувањето на проблемот нема да го реши./www.slobodenpecat.mk

Advertisement