Почина македонскиот писател Петко Шипинкаровски

Утрово почина македонскиот писател Петко Шипинкаровски, раскажувач, поет, есеист и автор за деца. Роден е на 22 септември 1946 година во Будимирци, Битолско. Беше член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) од 2006 година.

Потписник е на романите: „Откорнати души“ (2003 година), „Петра“ (2005 година), „Црна љубов“ (2006 година), „Дабјак“ (2009 година), „Златни обетки за Марија“ (2011 година), „Децата на Марија“ (2012 година), „Утринска молитва“ (2015 година), како и романизираните монографии „Кога тргнав, Цвето, во туѓина“ (2006 година) и „Струшки сведоштва“ (2007 година).

Ги има објавено и збирките раскази „Залезнина“ (2008 година) и „Еден живот, една приказна“ (2016 година) и поетските книги „Седело на орлица“ (2006 година), „Бели ветрови“ (2009 година), „Злоуми“ (2011 година), „Бели утра“ (2013 година) и „Доаѓаат дождовите“ (2015 година).

Шипинкаровски беше автор и на драмските текстови „Духот на војводата“ (монодрама, 2003 година) и „Крлеж на вратот“ (2017 година), на есеистичката книга „Кога животот е уметност, уметноста живот“ (2014 година) и на збирката раскази за деца „Разбранувани води“ (2017 година).

Погребот на Петко Шипинкаровски ќе се изврши утре (27 јануари) во 13 часот на градските гробишта
во Струга.

Advertisement