Поефтинија телефонските услуги и интернетот од и кон Македонија со земјите на Западен Балкан

Од денска цените на роамниг услугите со Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора драстично се намалија. Појдовните телефонски повици кон овие земји се намалени за близу 70 отсто, а пак дојдовните повици се поевтини за над 30 проценти. СМС пораките имаат намалување за 70 проценти, а со новите цени за 90 отсто е поевтино користењето интернет во странство. Генерално, намалувањето за сите роаминг услуги во Албанија и Косово е за над 93 проценти. Еве ги новите цени :

„Конкретно за граѓаните на Македонија, ќе можат да вршат повици кон земјите од Западен Балкан по цена од 5,05 денари по минута со вклучен ДДВ, за што досегашната цена во просек беше 75,4 денари. Ќе можат да примаат повици во која било од тие земји по цена од 2,9 денари по минута со ДДВ, наместо досегашната од 30,2 денари и да праќаат СМС пораки по цена од 2,6 денари со ДДВ, наместо како досега од 16,1 денар. Ќе може да користат интернет  по цена од 1,9 денари по Мегабајт со вклучен ДДВ“, рече Дамјан Манчевски, министерр за информатичко општество и администрација.

Компаниите од телекомуникацискиот бизнис од земјава Телеком и ОНЕ – ВИП признаваат дека со овој бенефит за граѓаните тие губат од својата заработка. Но, велат дека во целост ја подржале владината иницијатива за намени цени на роаминг услугите. Но, операторите не одговорија дали од Владата ќе ги добијат олеснувањата кои ги побараа пред да се согласат да ги намалат цените.

„Врвен приоритет за нас е корисничкото искуство и се што оди во подобрување на искуството е позитивно. Во сите останати подобрувања сме во постојана комуникација со Владата и очекуваме позитивни ефекти“, рече Елена Панова, директор на маркетинг и продажба на Оне-Вип.

„Ова е партнерски проект и ние секако ќе работиме во корист на корисниците. Сѐ што е друго може да се најдат заеднички решенија“, рече Елена Велевска, Македонски Телеком, односи со јавност.

Инаку, министерот Дамјан Манчевски во емисијата Економски магазин на Алсат изјави дека ќе им бидат укинати одредени давачки кон државата на двете фирми. Инаку од 2021 година договорот кој го потпишаа земјите од Западен Балкан укинување на роамингот со сите земји од регионот, освен со државите членки на Европската Унија.

Манчевски напомена дека сега се прават обиди во следниве година и половина да се најде решение за вакво драстично намалување на цените на роаминг услугите со Грција и со Бугарија. Кога Македонија ќе влезе во Европската Унија тогаш ќе има бесплатен роаминг и со земјите членки.

Advertisement