Поквалитетна здравствена заштита и инфраструктура, ветува Колефски во изборната програма

Барајќи ја довербата за втор мандат на претстојните локални избори во Албанија, актуелниот градоначалник на општина Пустец Пали Колефски презентираше дел од програмата која, како што нагласи, „со ваша поддршка ќе можеме да ја решиме секоја мака за нас и нашите деца“. Еден од приоритетите е подобрување на условите во здравствените установи, во инфраструктурата, како и отворањето на граничниот премин Церје на албанско-грчката граница.

Со мое залагање и во соработка со Советот на општината и поддршка на владата, ќе ја подобриме патната инфраструктура, ќе создадеме олеснувачка инфраструктура за туристите, подобри услови во здравствените установи, поквалитетно улично осветлување, изградба на канализација во сите села, а секако и отворање граничен премин со Грција во село Церје, наведува Колефски.

Продолжуваме, додава тој, со процесот на легализација на објектите на целата територија на општината, што го почнавме во овој мандат а „претставува остварување на долгоочекуваниот сон на жителите“.

Приоритет ќе ни биде и промовирањето на природните ресурси, традиции, култура, зголемување на зелените површини, поддршка и олеснување во процедурите за развој на фамилијарниот туризам преку доградба на куќи за пречек на туристи, инвестиции и поддршка за младите и за возрасните лица, како и за рибарите преку олеснување на инфраструктурата, се дел од зацртаните програмски активности на Колефски.

Исто така наведува и повеќе одобрени и аплицирани проекти кои ќе започнат со имплементација оваа година. Меѓу нив се и асфалтирање на патот во село Пустец, што е во тек, реконструкција на новата зграда на општината, трансформација на село Глобочани во важна туристичка атракција, во рамки на добиен проект во соработка со општина Битола, осветлување и изградба на инфраструктура на островот Мал Град, како и други инфраструктурни проекти.

Програмата што ја презентирам не е само законска обврска да ја донесам, туку пред се е морална обврска и со ваша поддршка ќе можеме да ја решиме секоја мака за нас и нашите деца. Ова е нашата визија, ова е нашиот пат и ве покануваме да продолжиме по овој пат за да го развиваме ова прекрасно подрачје. Заедно само напред за доброто на сите, порачува Колефски.

Тој е кандидат на Социјалистичката партија и поддржан од Македонска алијанса за европска интеграција. На локалните избори што се одржаа во јуни 2019 година Колефски освои 1.505 гласови или 66,84 отсто од вкупниот број гласачи, наспроти Едмонд Темелко кој освои 859 гласови или 33,16 отсто. Темелко во три последователни мандати беше градоначалник на Пустец.

Advertisement