Пописот на населението, домаќинствата и становите во Албанија ќе почне на 18 септември и ќе трае шест седмици, соопшти државниот институт за статистика, ИНСТАТ. Во однос на трошоците за пописот, ИНСТАТ пресметува дека ќе бидат потрошени 16,8 милиони евра, при што трошокот по жител е блиску до просекот на европските земји.
Успешноста на пописот зависи од позитивниот пристап и учество на населението во него. Затоа, во текот на 2023 година, посебно внимание ќе се посвети на спроведувањето и следењето на комуникациската стратегија, чии основни елементи се комуникација со заинтересираните страни и со јавноста воопшто. Кампањата вклучува употреба на сите медиумски инструменти, канали за емитување и други комуникациски техники, подвлекува ИНСТАТ.
Додава дека комуникациската кампања ќе го промовира пописот преку информирање на јавноста за неговата цел, како и ќе помогне да се зајакне кредибилитетот на податоците и институциите одговорни за неговите резултати. Во пописот ќе бидат ангажирани вкупно 8.000 попишувачи, околу 1.200 контролори и 6.000 геодети. Изјаснувањето за етничка и верска припадност и јазик ќе биде на доброволна основа.