Повредени над 100 лица, оштетени над 500 објекти, најсилен земјотрес во Албанија (ВИДЕО)

Жителите на Албанија ја проценуваат штетата по земјотресот со јачина од 6,0 степени според Рихтер кој во саботата попладне најмногу беше почуствуван во Тирана и Драч.

Според Министерството за одбрана, тоа е најсилнот земјотрес кој ја погодил Албанија во изминатите 30 години. Албанското министерство за здравство соопшти дека само во Тирана и Драч лекарска помош побарале 105 лица. Повеќето однив се здобиле со скршеници на екстремитетите. Вкупно 562 куќи се оштетени, а на 34 станбени згради се појавиле пукнатини. Инженерите ќе извршат увид за да видат дали има структурни оштетувања на зградите или се работи само за пукнатини на ѕидовите.

Повеќето лица повредите ги здобиле додека се бегале од своите домови во паника. По укажаната лекарска помош поголемиот дел од нив се пуштени од болница.

Од првиот силен земјотрес што беше регистриран вчера во 16:04 часот со магнитуда од 5,8 степени според Рихтер и интензитет од 7,5 степени, на 30 километри северно од Драч, во Јадранско Море се регистрирани серија од најмалку 25 земјотреси, со различна јачина. Помали потреси се регистрирани и денеска. Војската постави шатори на отворено каде ќе бидат сместени жителите додека не заврши безбедносната проценка на нивните домови кои претрпеа оштетувања од земјотресот. Земјотресот во саботата беше почуствуван и во Македонија, а во Црна Гора се регистрирани 60-тина помали потреси.

Advertisement