Пожар во модуларната ковид – болница во Тетово

Вечерва во Ковид-центарот во Тетовската болница, избувнал пожар. Противпожарните екипи излегле на терен и пожарот бил локализиран, а околу 22.30 часот бил изгаснат. Во моментов не се познати причините за пожарот, а нема ниту официјална информација дали има евентуални жртви, иако министерот за здравство Венко Филипче објави дека има и жртви.

Пожарот избувнал околу 21 часот. Модуларната болница е речиси целата изгорена. Тетовската градоначалничка Теута Арифи пред новинарите изјави дека нема информации за причините за пожарот и за жртви, туку дека само била известена дека се се случило многу брзо.

Министерството за здравство (МЗ) информираше дека вечерва страотна несреќа се случи во Тетово каде има и жртви во пожарот кој го зафати Ковид центарот.

„Точниот број на лица кои го загубиле животот, повредените и нивната состојба се утврдува во моментов. Пожарот е веќе изгаснат и сите тимови од болницата се мобилизирани да дадат помош на повредените. Тие итно се транспортираат во Скопје за да им се пружи соодветна нега, тимовите на Клиника се мобилизирани. Министерот за здравство д-р Венко Филипче е во Тетово. По завршениот увид ќе ја информираме јавноста за фактичката состојба“, соопшти МЗ.

Министерот за здравство, Венко Филипче, за неколку медиуми изјави дека патува кон Тетово и повика на смирување. Кон Тетово се упатиле и премиерот Зоран Заев.

Филипче на твитер објави дека пожарот во тетовската болница е изгаснат, но потврди дека во него има и жртви.

Advertisement