Прашањето за македонскиот Културно-информативен центар, Стерјовски го изнесе во албанскиот Парлементот

Прашањето околу сеуште нератификуваниот Договор, од албанска страна, за отворање македонски културно-информативен центар во Тирана, денеска во албанскиот парламент го изнесе Васил Стерјовски, пратеник од македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција.

Минатата година, Владата на Република Албанија и Владата на Република Македонија потпишаа договор за отворање Културно-информативни центри на Република Албанија во Битола и на Република Македонија во Тирана. Отворањето на овие културно-информативни центри ќе ја зголеми соработката меѓу Албанија и Македонија, ќе ги продлабочи меѓусебните односи во областа на културата и ќе создаде услови, уметниците од двете држави да ја претстават својата култура во двете држави, рече Стерјовски. Додаде дека иако Македонија го ратификуваше овој договор пред шест месеци и назначи директор на Центарот, Албанија неоправдано го одложува ратификувањето.

Ова не е во духот на европската соработка и интеграција и договорот треба да биде ратификуван што е можно поскоро. Тоа ќе придонесе за културната соработка меѓу двете земји, Република Албанија и Република Македонија кои заедно се движат по европскиот пат и се надеваме дека во октомври Советот на Европа ќе донесе правилна одлука и ќе ги отвори преговорите за членство за двете држави. Посочи дека односите за добрососедство се критериум за европска интеграција и Република Албанија мора да ја промовира таа политика со сите соседи.

Претходно македонско друштво „Илинден“-Тирана во име на Македонците во Република Албанија го искажа незадоволството порад нератифкацијата на договорот и ја повика Владата што побрзо да го достави до Собранието на Албанија за негова ратифкација.