Пратеникот Васил Стерјовски побара поголема грижа за областа Голо Брдо (ВИДЕО)

Пратеникот Васил Стерјовски, денес имаше обраќање во Собранието на Република Албанија, во име на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, и притоа ја изрази загриженоста за условите за живот и работа во областа Голо Брдо, како најсиромашна област во Република Албанија, со многу социо-економски проблеми.

Пратеникот Васил Стерјовски побара Владата и министерствата, окрузите и општините Либражд и Булќиза, да посветат внимание на барањата на Македонската заедница во Голо Брдо за подобрување на условите за живот и работа.

Почитуван претседател на Собранието, почитувани пратеници, во име на единствената Македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција која меѓу другото се бори за заштита на правата на Македонската заедница во Албанија, денес сакам да го покренам прашањето за состојбата во областа Голо Брдо, со 22 села, со околу 11.000 жители од македонска и албанската заедница кои историски живеат заедно. Областа Голо Брдо од почетокот на деведесеттите години на 20-от век, административно, вештачки, е поделно во два окрузи – Елбасан и Дебар.

До 2015 година во областа на Голо Брдо постоеја три општини: Стеблево, која влегуваше во Округот Елбасан; и општините Острени и Требиште кои влегуваа во Округот Дебар. За жал, со новата територијална реформа општините Стеблево, Требиште и Острени се укинаа. Така, општина Стеблево се припои со општина Либражд во Округот Елбасан, додека општините Требиште и Острени се припоија со општина Булќиза во Округот Дебар. Во 2014 година, кога се донесе Законот за територијалната реформа, Владата не ги зеде во предвид барањата на Македонската заедница во Голо Брдо и на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, областа Голо Брдо да се организира во посебна општина, со цел развој на оваа област. Денес жителите на Голо Брдо за една потврда или извод патуваат по два часа до надлежната општинска или владина администрација.

Почитувани пратеници, Голо Брдо е најсиромашната област во Република Албанија, со многу социо-економски проблеми. Невработеноста во Голо Брдо изнесува дури 90%, нема асфалтирани патишта, нема водоводи, нема канализации. Во лоша состојба се и здраствените институции и здравствената заштита за месното население. Во зима се случува, областа Голо Брдо е блокирана со месеци поради снегот, а селата без електрична енергија останува со недели. До пред 28 години, во Голо Брдо живееја 35.000 жители, но поради лошите услови за живот поголемиот број на жители се иселија во внатрешноста на земјата, во Тирана, Драч, Каваја и Елбасан.

Дополнителен проблем за Македонската заедница во Голо Брдо е и немањето можности за учење на мајчин Македонски јазик во образовниот процес во училиштата. Јазикот кој што жителите го зборуваат по дома и во областа на Голо Брдо е Македонскиот јазик. Децата до 7 години не го знаат Албанскиот јазик, него го учат кога тргнуваат во училиште. До сега има повеќе иницијативи од Македонската заедница во Голо Брдо за изучување на Македонскиот јазик како предмет во училиштата, но овие барања на жителите не се одобрени од надлежните образовни институции во Република Албанија.

Македонците од областа Голо Брдо бараат од Министерството за внатрешни работи на Албанија и на Македонија, граничниот премин Џепиште-Требиште кој беше отворен во мај 2013 година, од локален премин од трета категорија, да премине во регионален премин од втора категорија! Со ова ќе му се помогне на населението од областа Голо Брдо на економски план, бидејќи ќе се зголеми економската соработка меѓу жителите од двете страни на границата, со што економски ќе зајакнува и ќе се развива оваа област во целина.

Почитувани пратеници, областа Голо Брдо која изобилува со природни убавини, богата култура и традиција, како и со Националниот парк Шебеник-Јабланица, ги има сите можности за развој на планинскиот туризам. Владата заедно со општините Либражд и Булќиза треба да инвестираат во Голо Брдо во подобрување на патната инфраструктура, водоводните и канализациските мрежи, здраствениот систем, развој на планинскиот туризам и на националниот парк Шебеник-Јабланица, со цел да се подобрат условите за живот и работа, и воопшто за развој на областа Голо Брдо. Верувам дека Владата и министерствата, окрузите и општините, ќе посветат внимание на барањата на Македонската заедница во Голо Брдо и подобрувањето на условите за живот и работа. Ви благодарам на вниманието, – рече пратеникот Васил Стерјовски.

Advertisement