Префектот на Корча во посета на Општина Пустец со најава за нови проекти

Префектот на округот Корча, Нертил Јоле денеска заедно со неговиот заменик Хенрик Руси беа во посета на Општина Пустец. На средбата со градоначалникот Пали Колефски меѓу другото разговарано е за продолжување на веќе започнатите и реализација на нови проекти.

Се сретнав со менаџерскиот тим на општина Пустец, каде работата во изминатите четири години на градоначалникот Пали Колефски е гаранција да се поттикне реализацијата на нови проекти и во наредните четири години. Сето тоа со поддршка на Владата, како што беше и многу значајниот проект за водоснабдување спроведен во овој мандат со инвестиција од 455 милиони лека, објави Јоле на Фејсбук.

Додава дека предизвик е да се создадат што подобри услови во оваа област.

Создавањето уште поповолни услови за гратчето Пустец и околните села да се развиваат со одржлива еколошка визија, е новиот предизвик на овој тим и оваа заедница, што можеби и самиот Стерјо Спасе, најмудриот син од оваа област, веројатно го сонувал и фантазирал во неговите книжевни сништа, посочува тој.

Подобрите услови секако, според него, ќе донесат и поголем број домашни и странски туристи.

Привлекувањето на што поголем број локални и странски посетители во оваа општина (најмала во државата), покрај тоа што ќе ја помогне економијата на заедницата, дополнително ќе го збогати интересот на туристите кои ќе изберат да го посетат нашиот округ кој има толку многу природни убавини и прекрасни пејзажи, оценил префектот на Корча.

Задоволство од досега реализираните зафати искажал и Колефски, и најавил дека и понатаму максимално ќе се залага за доброто на жителите и развојот на општината.

Advertisement