Премиерот на Македонија освори средба со четириесет бизнисмени од Стопанската комора на Тирана

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев придружен од заменикот на претседател задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Бардул Даути, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски и советничката за земјоделство на, Ленче Николовска, вчера имаше работна средба со 40 претставници на повеќе компании, кои се заинтересирани да инвестираат во различните области во кои работат и се дел од Стопанската и индустриска комора на Тирана.

Премиерот Заев им посака добредојде на потенцијалните инвеститори во Република Македонија, која како што рече е истата земја пријател на Албанија и истакна голема благодарност за тоа што таа беше меѓу првите земји кои го ратификуваа Протоколот за членство на Македонија во НАТО.

„Сакам да ја искористам приликата да ве охрабрам да ја зголемите трговијата, меѓусебното инвестирање, ние овде во Македонија, вие во Албанија, и да соработуваме. Сме многу блиски земји, блиски народи, имаме исти проблеми, исти надежи кон иднината, заедно чекориме кон ЕУ и како земји со исти евроатлански стремежи, имаме голема можност за унапредување на меѓусебната економска и трговска соработка. Позитивните примери кои што ги имате во Албанија да ги пренесеме тука за да ги охрабриме нашите граѓани за придобивките од НАТО“, рече премиерот Заев.

Како приоритет на Владата во однос на регионалниот бизнис развој, премиерот Заев го истакна унапредувањето на инфраструктурните врски помеѓу двете земји, преку железница и други сериозни инвестициски проекти во патната инфраструктура.

„Работиме на подготовката на барање на инвестиции и можности за железнички да се поврзуваме, буквално од пристаништето во Драч кон нашиот граничен премин преку железничка пруга од Кичево, која што сакаме да ја градиме, да доаѓа до Скопје, кон Софија и кон Црното море и Истанбул, со што комплетно би го отвориле Коридорот 8. Работиме на сериозни проекти кои што се инвестиции во патната инфраструктура и ќе помогнат многу во збогатување на инфраструктурната поврзаност со патишта меѓу двете држави. Имаме надеж дека некаде кон крајот на март или почетокот на април ќе го отвориме и првиот One Stop Shop помеѓу Албанија и Република  Македонија, каде што ќе го преполовиме времето на чекање на камионите, на стоките, па и на патниците. Тоа ќе значи дека во една канцеларија со една иста Царина ќе можат да се завршат сите документации кои што се важни за самиот проток на стоки, што се случува помеѓу нашите две земји“, истакна премиерот Заев.

Претседателот на Стопанската комора на Тирана, Николин Јака во своето обраќање се заблагодари на премиерот Заев за можноста да ги споделат позитивните примери од Албанија и за досегашната работа на Владата, со што се зголемува потенцијалот за соработка меѓу двете држави и ја истакна потребата за заедничко делување во зголемување на производството, утврдување на комплементарните сектори, како планинскиот туризам во Македонија и морскиот туризам во Албанија, елиминирање на сите бариери и создавање на клима на соработка и меѓусебна доверба.

„Се соочуваме со стареење на народот, имаме феномен на отселување на младите лица од нашите земји и тоа оди на штета на нашата земја, на економијата и на човечкиот капитал. Економијата е генератор на развојот на државата, затоа треба да го зголемиме нашето производство, да ги видиме кои се комплементарните сектори и да изготвиме стратешки план за претприемништво и стабилна економија за сите земји од Балканскиот регион, преку уште една развојна платформа за двете земји, Албанија, Македонија. Постојат многу работи кои не поврзуваат за да имаме комплементарна економија со која ќе ги отстраниме дефицитите и многубројните пречки во Балканскиот регион и надвор од него“, рече претседателот на Стопанската комора на Тирана, Николин Јака.

Од средбата со тема „Заеднички регионален бизнис развој меѓу Македонија и Албанија“, освен зголемувањето на регионалната бизнис соработка помеѓу двете држави, заедничкиот настап на странски пазари и меѓусебната поддршка на стопанството, произлегоа и многу конкретни иницијативи како развојот на езерскиот туризам во Охрид преку слободниот проток по охридското езеро; во областа на енергетскиот сектор и обновливите извори на енергија, намалување на премијата за електрична енергија преку отворање на фотоволтаични центри и можност за инвестирање во Република Македонија до 200 мегавати фотоволтаична соларна енергија. Во областа на комуникациите, вклучување договори со Европската енергетска заедница за намалување на роамингот од 30% со обврска до 2021 година да стигне до 0 роаминг помеѓу земјите во Западен Балкан, како и создавање инфраструктура за трет мобилен оператор со дополнителен квалитет на услугите за граѓаните.

Advertisement