Преспанскиот Херој Васил Јанкула заминува на својата втора операција благодарение на Моме Кинг и Беговата Армија

Триесет годишниот Васил Јанкула, попознат како преспанскиот херој, утре заминува на втора операција  во Србија, благодарение на хуманоста на неговите другари што ги запознал преку тикток. 

Нема кој не чул за преспанскиот херој, кој со трицикл во мај 2019 направи кружна тура од 800 километри околу државава, за една седмица,  со цел да докаже дека сите сме исти, дека лицата со попреченост се еднакви како и сите останати иако се „посебни“. 

Тргна од Ресен, преку Битола, Прилеп, Градско, Велес, Скопје, Тетово, Гостивар, Маврово, Дебар, Струга, Охрид, и преку Галичица се врати дома.  

Пред тргнувањето тој упати апел до сите лица со хендикеп да бидат силни и храбри и да не се откажуваат на пола пат, а обиколката одеше под мотото „Сите сме исти“. 

Утре заминувам на втора операција во Ќуприја, Србија благодарение на моите другари што ги запознав преку тик ток. Моме Кинг и Беговата Армија ми го обезбедија целиот потребен износ на парични средства, која ја собраа за пет минути на тикток, изјави Васил за МИА, во телефонскиот разговор. 

Додава дека Моме Кинг со Беговата Армија обезбедиле финансиски средства и за уште една операција, за дете кое треба да се оперира во Турција.  

Многу сум среќен што се уште постојат луѓе како Моме Кинг и Беговата Армија. Знаеме дека во денешно време,  без разлика на пандемијава, тешко се собираат сретства. Искажувам голема благодарност до Моме Кинг и Беговата Армија кои се секогаш тука да помогнат. Посебна благодарност искажувам  и за МИА и дописничката Вера Тодоровска, која прва почна да пишува за мене  и која ми го даде епитетот преспански херој, нагласува Јанкула. 

Васил Јанкула, кој е роден со церебрална парализа, по потекло е од Мала Преспа, Албанија, а од пред неколку години живее во Ресен.  

На 4 мај 2019 година Васил извози 42 км и на Скопскиот маратон а учествува и на охридскиот маратон.  Тој беше дел од групата лица со попреченост кои беа дел од првата сет-ски школа на Маврово, во рамки на која се обучуваа тренери за скијање и каде за прв пат лица со попреченост скијаа во посебни седишта. Школата беше организирана од Здружението на граѓани со параплегија и квадриплегија „Без ограничувања“.

Advertisement