Преспанското Езеро има 61 вид заштитени птици

На 1 февруари, Светскиот ден на водните живеалишта, Македонско еколошко друштво(МЕД) и Општина Ресен потсетуваат на важноста на овие живеалишта и посебноста на Преспанското езеро.

„На Преспанското Езеро се среќаваат шеесет и еден вид птици кои се на листата на заштитени видови од Бернската Конвенција. Поради ова, Општина Ресен како управувач со подрачјето, презема сет на мерки и активности за одржливо управување со споменик на природата Преспанското Езеро. Во иднина наша заложба заедно со управите на заштитените подрачја е зачувување на значајните растителни и животински видови во преспанскиот регион“, изјави Ајман Ајмала, раководител од секторот за животна средина од Општина Ресен.

МЕД и општина Ресен, најавија различни едукативни настани и работилници во Преспа. На 4 февруари ќе се одржат едукативни активности со најмладите за запознавање на водните птици, а истиот ден во општината ќе се одржи и работилница за мерење на ефективноста од управувањето на заштитените подрачја во преспанскиот регион (со користење на МЕТТ алатка). Преспанското Езеро е прогласено за Рамсарско подрачје во 1995 година поради присутноста на големиот број на ректи и загрозени видови птици.

Водните живеалишта се од суштинско значење за растителниот и животинскиот свет, но и за добросостојбата и здравјето на луѓето, особено тие што живеат во нивна близина. Доколку природната рамнотежата во водните живеалишта се наруши, тогаш и човековите активности како што се земјоделството и рибарството ќе бидат засегнати. Поради тоа, земјите се обврзани да донесат законски регулативи кои ќе вклучуваат мерки за нивна заштита и разумно користење. Според Ксенија Путилин, еколошката едукација е најважниот пристап да се охрабрат и образуваат идните генерации коишто ќе се грижат за зачувувањето на Преспанското Езеро.

„Со најмладите од градинките во Ресен ќе зборуваме за птиците од водните површини коишто се индикатори за климатските промени а кои годинава се во фокус на Светскиот ден за одбележување на влажни живеалишта (World Wetlands Day). Љубовта кон зачувување на природата се гради од мали нозе, па затоа сметам дека еколошката едукација е најважниот пристап“, изјави Путилин од Македонско еколошко друштво.

Светскиот ден на водните живеалишта е всушност датумот на усвојување на конвенцијата за водните живеалишта во 1971 година во иранскиот град Рамсар. Најважниот меѓународен договор за заштита на водните живеалишта е Рамсарската конвенција. Целта на прогласување на рамсарските подрачја е да се зачуваат и мудро користат сите водни живеалиште преку активности кои се преземаат и на локално и на национално ниво, како и преку меѓународна соработка. Преспанското Езеро е прво Рамсарско подрачје во Македонија. Република Македонија го предложи Преспанското Езеро и неговите водни површини имајќи ја предвид важноста на овој 2-3 милиони години стар екосистем кој продолжува да обезбедува добра и услуги за луѓето како резултат на богатиот диверзитет на живеалишта и видови.

Преспанскиот регион е познат како европска и глобална „жешка точка“ за биодиверзитет. Стекнувањето на ваквиот статус не се должи само на огромниот број на станишта и растителни и животински видови, туку и на нивното големо значење затоа што доста од нив се ретки, ендемични, загрозени или се наоѓаат на некои од меѓународните листи за заштита.

Advertisement