Претседателот Иванов: Трајковски ја градеше довербата меѓу луѓето и заедниците, но и меѓу државите од регионот

Борис Трајковски се појави во време кога веќе се сметаше дека не е важно дали некој политички лидер е морален или не, се додека добро ја извршува работата. Принципите, достоинството, визијата, доблеста, вистинитоста беа ставени на маргините на македонската политичка култура, а храброста и истрајноста станаа ретка и скапа работа”, рече претседателот Иванов, во своето обраќање на одбележувањето на 15-годишнината од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски.

Според македонскиот претседател, крвавиот распад на Југославија, бегалската криза, долгогодишната блокада на Република Македонија, економската стагнација на македонското стопанство, придонесоа кон влошени меѓуетнички односи, а сето тоа се прелеа во кобната 2001 година.

„Во такви услови, Борис Трајковски презеде чекори кои беа нетипични за македонската политичка култура. Го иницираше дијалогот меѓу власта и опозицијата. Ја градеше довербата меѓу луѓето и заедниците, но и меѓу државите од регионот. Веруваше дека кризата во 2001-та може да се реши и со политички, а не само со воени средства. Затоа, беше покровител на процесот што доведе до Охридскиот рамковен договор. Ја преземаше одговорноста за своите чекори. Како и претседателот Глигоров пред него, така и Трајковски сакаше да ги избегне крвопролевањата”, истакна македонскиот претседател, потенцирајќи дека Трајковски верувал дека лидерството вклучува подготвеност да се жртвува популарноста за да се направи она што е вистинското за иднината на нашата земја и нашиот народ.

„Во таква тензична атмосфера, Трајковски беше напаѓан, критикуван и оспоруван од многумина. Неговата понизност беше презрена како знак на слабост. Неговата подготвеност да простува беше сметана за наивност. Но, тој честопати знаеше да каже дека е подготвен да ги прифати сите обвинувања, и притоа да остане посветен на својата цел и уверен во нејзината исправност”, рече претседателот Иванов, оценувајќи дека за повеќето луѓе во Република Македонија, пристапот на претседателот Трајковски бил вистинска енигма, бидејќи малкумина ги разбирале вредностите и принципите на Трајковски.

PRM_Ivanov_Trajkovski_01

„Ова се денови кога многу често се цитираат и толкуваат зборовите и се анализираат одлуките на Борис Трајковски. Но, верувам дека треба да бидеме внимателни, бидејќи не секој што деновиве се повикува на претседателот Трајковски е верен на неговата визија. Понекогаш целта е да се оправдаат политики за кои едноставно нема оправдување. Но, она што никако не може да биде толкувано на различни начини е неспорниот факт дека Борис и јавно и приватно беше препознатлив по својата насмевка. Таа насмевка беше надворешната манифестација на она од што се раководеше Борис според внатрешните принципи на неговото срце”, рече претседателот Иванов.

„Минаа 15 години откако Борис Трајковски не е меѓу нас. Верувам дека сите ќе се согласиме дека се чувствува неговото отсуство”, истакна македонскиот претседател, оценувајќи дека оттогаш, многу негови очекувања беа изневерени, многу заложби беа погрешно интерпретирани, многу изрази на добра волја беа злоупотребени. Се направија и некои непринципиелни компромиси што го доведуваат во прашање македонскиот модел на соживот и почитување на различноста за кој се залагаше Борис Трајковски.

„Времето покажа дека Борис го одбрал вистинскиот пат. Сигурен сум дека времето повторно ќе покаже кој чекорел по неговите стапки за да го зачува сето она за што тој се залагаше и во што веруваше. Неговиот завет најдобро ќе го зачувамепреку суштински европски реформи, добри меѓуетнички односи и враќање на дијалогот во политиката. Преку градење на европска Република Македонија, поврзана со соседите, интегрирана во Европската Унија, почитувана во светот”, рече вечерва претседателот Иванов, на одбележувањето на 15-годишнината од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски.

PRM_Ivanov_Trajkovski_03