Претседателот на Македонија на работна посета на Кралство Јордан

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, утре ќе престојува во работна посета на Хашемитското Кралство Јордан по повод учеството на Светскиот економски форум за Блискиот Исток и Африка, што се одржува во Аман. Претседателот Иванов ќе учествува на пленарната сесија на свеченото отворање на Светскиот економски форум за Блискиот Исток и Африкаи на сесијата на тема „Заштита на бегалци: наша морална одговорност“.

Во рамки на работната посета, претседателот на Македонија, д-р Ѓорге Иванов, ќе оствари билатерална средба со Кралот на Хашемитското Кралство Јордан,  Н.В. Абдула II, како и повеќе билатерални средби со учесниците на форумот. На Светскиот економски форум за Блискиот Исток и Африка е најавено учество на над 1000 политички лидери, претставници од бизнис секторот и цивилното општество, од повеќе од педесетина држави.

Tемите на дискусија на форумот се однесуваат на улогата на Кралството Јордан во регионот, економските перспективи на земјите од овој регион, промените во геополитиката и хуманитарните предизвици во однос на состојбите во Сирија, Ирак и Либија, како и актуелната мигрантската криза.