Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски го прими Мајк Помпео, државен секретар на САД (ВИДЕО)

Денеска во „Вила Билјана“, во Охрид, Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски го прими Мајк Помпео, државен секретар на Соединетите Американски Држави. Претседателот Пендаровски рече дека посетата на државниот секретар на САД, Помпео, во исклучително важен период за нашата земја, е потврда за пријателството меѓу САД и Македонија, засновано на заедничките вредности за мир, слобода и демократија.

„САД е нашиот стратешки партнер уште од нашата независност, а американската поддршка беше клучна во одбранбените реформи и трансформацијата на нашата Армија, со цел исполнување на критериумите за членство во НАТО. Преку програмите за развој, САД ни помогнаа во зајакнувањето на институциите, владеењето на правото, реформите на судството, зајакнувањето на граѓанскиот сектор и медиумите, како и поддршка на поволна бизнис клима за трговска размена меѓу двете земји“, истакна Претседателот.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за постојаната поддршка од САД и во периодите кога земјата ги решаваше тешките прашања за внатрешната стабилност, како и постигнувањето на компромис за деценискиот спор за прашањето за името, во духот на добрососедството и регионалната соработка.

„Македонија ќе продолжи со тесната соработка со САД. Сметам дека е неопходна зголемена американска поддршка во претстојниот период, во кој  Македонија треба да стане 30-та членка на НАТО и да ги започне пристапните преговори за членство во Европската унија“, рече претседателот Пендаровски.

Секретарот Помпео се заблагодари за топлото добредојде во Македонија која ја посетува во рамки на посетата на Италија, Црна Гора и Грција. Тој потврди дека американската поддршка во продлабочувањето на пријателството меѓу двете земји ќе продолжи и во иднина, што е значајно не само за Република Македонија туку и за стабилноста и безбедноста на целиот регион.

 

Advertisement