
На 3. 12. 2024 година се одржа свечен предновогодишен прием на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во просториите на Македонската филхармонија. На настанот,се обрати претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска Давкова, а во богатата програма учествуваа хорови и пеачки групи од верските заедници во Македонија. Свое пригодно обраќање имаше и директорката на КОВЗРГ, г-ѓа Оливера Трајковска, која говореше за значењето на верскиот соживот во државата и неопходноста од почитување на верската определба на секој поединец во неа.
КОВЗРГ има востановено институционално признание „Вељо Манчевски“ во чест на македонски свештеник, учесник во НОБ, прв референт на Верското поверенство при ГШ на НОВ и ПОМ и делегат на АСНОМ. Признанието, како традиционална годишна награда првпат е доделена во 2022 година, а во знак на јавно изразување почит и промоција на нагласените заложби на поединци и колективи или организации кои имаат посебен придонес во верската сфера и кои со својот ангажман, активност и долгогодишен труд оставиле значаен белег вградувајќи се во развојот и продлабочувањето на различни значајни сегменти во меѓуверските односи.
На овој настан вакви признанија за 2024 година им беа доделени на:
Ѓорги Поп Атанасов – Посебен придонес во областа на библиската теологија и херменевтика и црковната книжевност;
Сестра Наталија Стојанова – Посебен придонес во милосрдната дејност;
Самуел Садикарио – Коломонос За животно дело;
Борис Трајковски- Признание за промоција на мир, толеранција и високи морални вредности во општеството;
Идрис Ефенди Идризи – Признание за Посебен придонес за промоција и афирмација на верското образование.
Настанот, со своето присуство го збогатија верските великодостојници и припадници на верски институции и религиозни групи од Македонија, како и видни политички личности.
На свеченоста присуствувше и претседателот на Македонското друштво “Илинден”-Тирана, г-дин Никола Ѓурѓај.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden