Претседателот на Владата на Македонија се сретна и со претседателот на Парламентот на Албанија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев со владината делегација што го придружува, во рамки на официјалната посета на Република Албанија, се сретна и со претседателот на Парламентот на Република Албанија, Грамоз Ручи. На средбата се истакнати политиките на премиерот Заев како политики на визија и посветеност и успех за Република Македонија, но и на земјите од целиот регион.

Премиерот Заев се заблагодари за брзата постапка на ратификацијата на Протоколот за прием на Република  Македонија во НАТО во албанскиот Парламент и посочи дека бенефитите почнуваат да се чувствуваат за граѓаните. Ги пробивме сите рекорди за странски инвестиции, зголемен е БДП-то, намалена е невработеноста, се качуваат платите. Во тек е заокружување на клучните реформи. Очекуваме ЕУ да ги вреднува овие резултати на Република Македонија во јуни, рече премиерот Заев.

Тој ја нагласи одговорноста и на власта и на опозицијата во важните евроинтеграциски процеси. На состанокот е посочено дека дијалогот е многу важен за демократскиот развој на државите и нивните европски перспективи. И од двете страни е посочено е дека се силно посветени на стратешката определба за успех во јуни.

Ја нагласи како одлична соработката меѓу Република Македонија и Република Албанија и посебно ги потенцираше граничните олеснувања, градењето доверба меѓу двете институции и инфраструктурното поврзување, како придонес кон мобилноста на луѓе и стоки. На средбата е истакнато дека владите на Република Македонија и на Република Албанија работат успешно на интензивирање на економската соработка.