Проблемите што ги отвора Бугарија не и припаѓаат на Европа во 21 век, вели германска дипломатка

Дали некој зборува македонски или бугарски јазик, не е тема која треба да се отвора во цивилизирана Европа, порача германската дипломатка Шуц во Скопје. Македонски дипломат вели дека јуни е клучниот месец за земјата.

Во цивилизирани демократски држави не може да се дискутира дали некој зборува македонски или бугарски, вели Сузане Шуц, директорка за земјите од Западен Балкан при Министерството за надворешни работи на Германија. На панел-дебата организирана во Скопје, Шуц и директорката за европска политика во германското МНР, Сабине Штер дискутираа со претставници од политиката, безбедноста, дипломатскиот кор и невладиниот сектор во земјата на тема „Западен Балкан и ЕУ во контекст на новите безбедносно-политички предизвици“.

Двете германски дипломатки изминатите денови престојуваа во Софија каде што со бугарските власти разговарале околу можностите за надминување на спорот кој веќе две години го блокира почетокот на пристапните преговори со ЕУ на Македонија.

„Гледаме дека проблемите кои се отвораат не припаѓаат на Европа во 21 век. Дали зборувате македонски или бугарски јазик, или руски или украински, тоа не е дискурсот кој треба да го имаме во цивилизирани демократски држави“, рече Шуц во Скопје.

Штер вели дека не знае дали владите ќе успеат да најдат решение за спорот, но гледа „позитивни знаци“. Таа го повтори германскиот став дека не може да се дозволи вклучување на идентитетски прашања во Преговарачката рамка.

„Прашањата за идентитетот и историјата не можат да имаат место во преговарачкиот процес во ЕУ“, рече Штер.

Според Шуц, „некои компромиси ќе бидат неопходни“, а тешкото прашање е „колку далеку да се оди со компромисот“.

Попов: Тешки последици од уште едно „Не“ од ЕУ

Државниот секретар во македонското МНР, Зоран Попов вели дека јуни е клучниот месец за аспирациите на земјата за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Доколку Македонија добие уште едно „не“ од ЕУ, тој прогнозира тешки последици во земјата и во регионот, особено во светло на актуелната руска агресија во Украина.

„Уште едно „не“ ќе предизвика нови разговори за ткн. раздвојување. Ќе се зголеми притисокот Албанија да продолжи сама. Од политички и геостратешки аспект, за процесот на проширување во целина, тоа ќе биде катастрофално и ќе има тешки последици дома.

Во македонското МНР сметаат дека новото „Не“ од Брисел може да има катастрофални последици за земјата.

Полека но сигурно, доколку останеме надвор, проблемот со Бугарија ќе стане нов ‘проблем со името’, и ќе станеме безбедносен проблем во регионот. Ќе се испровоцира голем судир меѓу евро-атлантската заедница и трети страни и земји кои се подготвени да влезат“, вели Попов.

Нема место за неутралност

Тој посочи дека во последните 30 години поддршка за ЕУ во земјата секогаш била меѓу 80 и 90 проценти, но сега паднала на рекордно ниски 58 проценти.

„Колку е подалечна перспективата, толку повеќе ќе паѓа поддршката“, вели Попов.

Коментирајќи ги наводите за падот на довербата во ЕУ, германската дипломатка Штер рече дека причина можеби треба да се побара и дома.

„Разочарувањето во ЕУ можеби не е само поради тоа што ЕУ не ги исполнила своите ветувања, туку можеби и затоа што земјата не ги исполнила надежите на своите граѓани“, рече Штер.