Протест пред Собрание против промена на името и Законот за јазици

Протест пред Собрание против промена на името и Законот за јазици кој попладнево се одржа пред македонското Собрание, во организација на македонската координативна мрежа СУМ – Сите за унитарна Македонија. Не е срамно ако умреме до еден, но голем срам е ако останеме без нашето име, од кое уште се плашат како од чума, порачаа учесниците на протестот.

Димче Донески, професор по македонски јазик и литература истакна дека преименувањето води кон големо ништо.

„Дојдов овде повикан од гневот однатре од сè она што денес го прават неколкумина поданици, безрбетници, неколкумина платеници среброљупци и еврољупци, предавници на родот, на зборот, на јазикот и на крстеното име – библиска Македонија. Дојдов заедно да го кренеме нашиот глас за да чујат и да видат сите, сите да знаат дека оваа земја не е само оваа земја – туку држава со сите нишани, држава на еден исконски народ, суверена Република Македонија“, рече Донески.

Учесниците на протестот медијаторот Метју Нимиц го нарекоа „излитен и истрошен дипломат, кој долги 27 години се храни и црпи од нашето достоинство и пари“.

Според учесниците на протестот, поддршката од 32 илјади граѓани им го одзедло правото на политичарите да решаваат за промена на името за идентитетот и за воведување на двојазичноста. Досега, како што информираа, 17.500 лица ја потпишале петицијата за неменување на името Македонија.

Македонската координативна мрежа СУМ – Сите за унитарна Македонија, ја сочинуваат повеќе организации, како: „Македонски манифест“, „Преродба“, „Став“, „Код“, „Ние, наши, христијанско братство“, „Тврдокорни“, македонското патриотско здружение „Васил Чакаларов“, „Бригада“, Македонско патриотско здружение „Пере Тошев“ – Прилеп, Граѓанска иницијатива за одбрана на името Македонија и ослободување на неправедно притворените „Вевчани“ – Вевчани, граѓанските иницијативи за одбрана на името Македонија и идентитетот на македонската нација од Охрид, Битола, Велес, Кочани, Штип, Кавадарци, Мислешево, Струга.

Advertisement