Рама му се заблагодари на регионот за помошта на Албанија

Премиерот Еди Рама синоќа им се заблагодари на лидерите во регионот за помошта на Албанија во санирањето на последиците од силниот земјотрес. Рама на состанокот со странските амбасадори акредитирани во Албанија им се заблагодари на нивните земји на помошта на неговата земја.

„Не можам да пронајдам зборови со кои би искажал колку ни значи таа поддршка ..Беше прекрасно како регираа Заев и Вучиќ. Прекрасно“ порача Рама.

Албанскиот премиер исто така им се заблагодари и на Унгарија и Романија, потсетувајќи дека романскиот спасувачки тим во Албанија дошол самоиницијативно.

„Прекрасно е да се видат луѓе од Европа како доаѓаат во земја за која никогаш немале никакво познавање на албанскиот јазик, ни искуство во ризикување на сопствените животи за непознати лица“ рече Рама.

Тој им се заблагодаи и на САД, на папата Франциск и на Саудиска Арабија, извинувајќи им се на тие што ги заборавил да ги спомене.

Потрагата по преживеани официјално е завршена, бидејќи се верува дека веќе нема тела под урнатините. Во земјотресот досега загинаа 50 луѓе, а повредени се околу 2.000.