Рама воведува казна за насилни демонстранти, ќе се плаќа секоја направена штета (ВИДЕО)

До 5.500 евра вредни казни за учесници во насилни протести, како и финансиска одговорност за предизвиканата материјална штета, се дел од нов правен пакет мерки за борба против урбаното насилство, кој се состои од шест дополнителни инструменти, а беше презентиран денеска од албанскиот премиер Еди Рама. Целта, според него, е да се спречат насилството, уништувањето имот и, како што ги нарече, појавите на „урбана анархија“.

Според најавата, санкции ќе има и за лицата кои нема да се повлечат по полициско предупредување, доколку продолжат да остануваат во група што фрла камења, пали или уништува имот. Од ова правило ќе бидат изземени новинарите, медицинските работници, набљудувачите, службените лица и случајните минувачи.

Предвидено е и родителите да ја преземат финансиската одговорност за штетата предизвикана од деца помлади од 14 години.

Пакетот предвидува државата да покрива од 70 до 100 проценти од штетата што малите бизниси ќе ја претрпат поради провали, грабежи и пожари поврзани со насилни инциденти.

Најавени се и посебен закон за надоместување на штетата, измени на законската регулатива за јавни собири, воведување електронски регистар на прекршители, како и промени во етичкиот кодекс за наставниците и во Кривичниот законик.

Рама порача дека е подготвен да ги сослуша граѓаните кои имаат забелешки и критики за работата на владата, но нагласи дека барањето за негова оставка не може да се наметнува преку насилство.

Со најавените мерки, албанската влада планира да ја заостри одговорноста за насилството на протестите, а истовремено да обезбеди финансиска поддршка за бизнисите што претрпеле штета.

Како што пренесува албанската новинска агенција АТА, во видео-пораката до јавноста Рама премиерот нагласи дека пакетот се заснова на јасен сет принципи: мирните протести се заштитени, насилството се казнува, а сторителот мора да ја надомести предизвиканата штета.

По уште еден бран на насилство во центарот на Тирана синоќа, кога Демократската партија (ДП) излезе од зад сцената и зазеде централно место во спроведувањето на урбаното насилство, а нејзиното седиште стана политичко засолниште и пункт за снабдување со експлозиви за сторителите кои синоќа се собраа од сите страни и преку сите канали на овој антидемократски пожар, бидете уверени дека ќе го изгаснеме и овој неприроден пожар на несреќата“, посочи Рама.

Тој рече дека ситуацијата ќе се решава со трпение и одлучност, нагласувајќи дека на одговорните за насилството нема да им се дозволи да ѝ ја наметнат на Албанија она што тој го нарече „расипана салата“ на еден „политички фосил“, кој ја претворил Демократската партија (ДП) во средство за антифашистички екстремисти кои го величаат насилството низ Европа.

Тој, исто така, ги обвини странските актери дека се обидуваат да ја спречат интеграцијата на Албанија во ЕУ и дека поттикнуваат маскирани поединци кои тврдат дека ги претставуваат студентите, но кои, според него, имаат посилни врски со организираниот криминал отколку со студентската заедница. Рама нагласи дека легитимните барања на обичните луѓе низ земјата ќе бидат земени предвид, истакнувајќи дека тие со право очекуваат поправедна распределба на придобивките од економскиот раст и посилни гаранции дека одлуките за вработување се засноваат на заслуги.

Во таа насока, албанскиот премиер најави дека со нацрт-буџетот за 2027 година, кој треба да биде образложен во текот на првите денови од оваа недела, ќе се воведат низа позитивни мерки за обичните семејства, јавните служби, младите и студентите.

Рама истакна дека по интензивна работа со европски експерти и тесна координација со италијанските и француските партнери, Албанија финализирала правен пакет мерки против урбаното насилство и нередите. Пакетот се потпира на моделот што неодамна го усвоија Италија и Франција за справување со она што тој го опиша како иста антидемократска закана, како и на судската пракса на Европскиот суд за човекови права.