Разговор со претседателот на политичката партија ДЕМОКРАТИ, г-дин Јорго Огненовски по повод вториот роденден на ДЕМОКРАТИ

Македонски весник Илинден: Г-дине Огненовски, пред да го започнеме нашиот разговор, би сакале да го честитаме вториот роденден на политичката партија ДЕМОКРАТИ, на чие чело сте вие. Како го оценувате двегодишното работење на ДЕМОКРАТИ? Г-дин Јорго Огненовски: Благодарам за честитките. За вашата публика ќе кажам дека политичката партија ДЕМОКРАТИ е формирана на 11. 08. 2018 година од група македонски граѓани со една цел, македонската држава повторно да биде сопственост на народот. Ако го имаме предвид реченото од Прибе во периодот на владеење на ДПМНЕ, дека Македонија е заробена држава, ние сметаме дека истата состојба продолжи и со владеењето на СДСМ. Ситуацијата е иста, само заробувачите се сменети. Што се однесува до состојбите во изминативе две години во ДЕМОКРАТИ , можам да речам дека, како и секоја друга млада партија, ние ги одболедувавме детските болести. Се соочивме со личности во нашите редови кои ја сфатиле работата во партијата како отскочна штица за лична промоција, видовме лица без лице влезени во партија со цел да внесат раздор сред нашите членови со различно етничко потекло од нив, видовме многу и научивме многу. Од другиот дел на нашата работа во изминатите две години, би ги спомнал средбите со граѓаните на Македонија. Некогаш тоа беа искрени и долготрајни разговори со сериозни заклучоци, а некогаш наидувавме на отпор и непријатни ситуации. Но, сето тоа е дел од политичкиот амбиент во нашава држава, создаван 30 години на модерно ропство на македонските граѓани.

Македонски весник Илинден: Г-дине Огненовски, на 13,14 и 15 јули 2020 година се одржаа предвремените парламентарни избори за народни претставници за македонското Собрание. Како ги оценувате изборите и дали сте задоволен од резултатите на политичката партија ДЕМОКРАТИ? Г-дин Јорго Огненовски: Ценам дека изборите кои ги спомнувате беа типична слика на триесетгодишниот изборен криминалот во Македонија. Неколку месеци пред изборите, ние како ДЕМОКРАТИ, објавивме дека со донесувањето на Изборниот законик во Македонија перманентно има озаконет изборен криминал. Изборниот процес од старт е корумпиран и криминализиран со огромните суми на средства за рекламирање на партиите кои дотогаш биле на власт или во опозиција. Тоа се народни пари, со кои, преку добро платени медиуми и непотребен и стерилен рекламен материјал, му се сугерира на истиот народ за кого да гласа. Секако, за другите партии, кои дотогаш немале препставници во Парламентот се одвојуваат за ракламирање бедни 10 % од вкупната сума, а тие 10% се делат на десетина партии. Така, криминалниот начин на финансирање на изборниот процес, уште покриминалниот начин на вработување на партиски полтрони и нивно претворање во континуирано платени гласачи, невидениот притисок врз гласачите со уцени и закани по нивниот живот/имот/работно место, сето тоа е начин за 30 годиштното опстојување на власт на истите партии и нивните приврзоци. ДЕМОКРАТИ, на овие избори учествуваа за прв пат и тоа самостојно. Намерата беше да се промовираме пред македонските граѓани барем за време на предизборието, со оглед на тоа што за ДЕМОКРАТИ вратите на сите национални телевизии и други медиуми беа затворени. Но, и за време на предизборните дебати бевме максимално дискриминирани со неприсуство на наши претставници или со маргинализиран настап. Благодарни сме на оние медиуми кои имаа доблест да поканат претставници од ДЕМОКРАТИ за дебати или презентација. Сепак, остана чувството на доминација на партиите кои бескрупулозно ги трошат народните пари во добро платените медиуми за да го моделираат јавното мислење во ползан на мецените. Така што, од виденото во текот на предизборниот и постизборниот процес, би кажал, дека ДЕМОКРАТИ не веруваат во резултатите објавени од Државната изборна комисија како поради наводниот упад во компјутерскиот систем на ДИК, така и поради објавувањето на конечните резултати после законски определениот рок.

Македонски весник Илинден: Новиот состав на македонскиот Парламент беше конституиран пред неколку дена. Но, дали ваквиот сомнеж значи дека не верувате во веродостојноста на новоизбраните народни претставници во македонскиот Парламент и нивната намера навистина да одговорат на својата задача? Г-дин Јорго Огненовски: Да, и ние како ДЕМОКРАТИ сакавме да се конституира собранискиот состав, особено бидејќи техничката Влада беше далеку од она што значеше барем пристојна власт во државава. Но, како партија ДЕМОКРАТИ се залагаа и се залагаат за вистинска демократија. Тоа значи дека народните пратеници треба да ги избере народот, а не политичката партија. Токму затоа уште во нашите основачки документи ќе прочитате дека се залагаме за една изборна единица со отворени листи и без праг, на територијата на цела држава. На тој начин, со помош на чесни и достојни странски набљудувачи, без притисоци и уцени од страна на досегашните владеачи, дури тогаш народот ќе ги избере своите претставници. Оние кои сега се сместија во пратеничките столици избрани, според нас, на многу криминален начин, за жал поддржан од меѓународните набљудувачи, ќе бидат само партиски безгласни пиони. Македонски весник Илинден: Од денот на изборите до сега видовме секакви комбинаторики во однос на тоа кој, како, со кого, кога, врз основа на што ќе формира Влада. Сега топката е кај СДСМ, а разговорите за состав на новата Влада се интензивни и тензични. Како вие го коментирате моменталниот политички амбиент во Македонија? Г-дин Јорго Огненовски: Најкусо, како пазар на неколкумина досегашни успешни пријатели во македонскиот бизнис простор. Претходно реков нешто во однос на потребата за една изборна единица на територијата на целата држава. Тоа е она што никако не им одговара на досегашните долгогодишни бизнис пријатели од СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ. Прашање е колку нивни претставници би биле денес во македонското Собрание доколку изборите беа демократски и фер. Но, тоа нема да го дознаеме додека иницијаторите на криминалниот изборен законик и авторите на долгогодишните штелувања на изборните резултати не бидат кривично гонети и казнувани според делата сторени против народот и државата.

Македонски весник Илинден: Со оглед на тоа што ДЕМОКРАТИ за прв пат се појавија на политичката сцена во Македонија како самостојна патрија и го искусија изборниот процес во сите негови фази, кои се следните чекори на партијата? Г-дин Јорго Огненовски: Раководните органи на политичката партија ДЕМОКРАТИ направија анализа на официјалните резултати објавени од ДИК кои ги спореди со информациите од теренот добиени од нашите членови. Поради фактот што информациите драстично се разликуваа, во законскиот рок, поднесовме до ДИК две барања, кои беа одбиени. Потоа поднесовме и тужби до Управниот суд, кои повторно беа одбиени. Таквиот однос на македонските институции е веќе востановена пракса бидејќи секое отворање на вистината би била погубна и за партиите и за институциите кои сесрдно го штитат озаконетиот изборен криминал во Македонија. Штелуваните резултати од гласањето за ДЕМОКРАТИ во сите изборни единици има само една цел, политичката партија ДЕМОКРАТИ да не добие 1% од гласовите на гласачите, бидејќи, во споротивно ДЕМОКРАТИ би добиле средства од државата за својата работа. Знаеме дека не вложиле многу напор за бришење на гласовите на ДЕМОКРАТИ бидејќи сите алатки за самоволие во однос на резултатите се во нивни раце, а нивната вештина во таа насока е неспорна. После прославата на вториот роденден на ДЕМОКРАТИ, ќе испратиме барања за прием на патриски делегации на ДЕМОКРАТИ кај странските дипломати во Македонија. Имаме намера да поразговараме за нашите забелешки и видувања на квази изборниот процес, за нашите идни активности, но и за иднината на Македонија. Се разбира, со оние дипломати кои ќе бидат заинтересирани да нѐ чујат.

Македонски весник Илинден: Со оглед на фактот што и други партии се сомневаа во веродостојноста на конечните резултати од предвремените избори, од нивна страна беа одржани демонстрации. Колку што ни е познато, ДЕМОКРАТИ не се појавија на демонстрациите кои беа одржани заради истата причина на сомнеш од зборните резултати. Зошто? Г-дин Јорго Огненовски: Прво, бидејќи односот на сите инстанци на кои им се обративме за помош во врска со изборните резултати покажаа дела не се ништо друго туку дисперзирани одделенија на старо-новата владеачката партија. Поради тоа, проценивме дека таквото демонстрирање на незадоволство ќе послужи како еднодневна забава за партиските ботови и полтрони на владеачите без никакви сериозни резултати.

Македонски весник Илинден: Имајќи предвид дека за состојбите во Македонија сериозен интерес пројавуваат и Македонците во соседните држави, како и македонската дијаспора во светот, кои се вашите гледишта за односот на македонските власти кон македонските малцинства во соседните држави и македонската дијаспора? Г-дин Јорго Огненовски: Политичката партија ДЕМОКРАТИ многупати покажала дека е сериозно заинтересирана за понижувачката, дири и фашизоидна судбина на македонските национални малцинства во соседните држави. Во тој однос, ДЕМОКРАТИ реагираат со свои соопштенија и реакции секогаш која некоја соседна држава ќе го покаже својот дискриминаторски однос кон Македонците во тие држави. Но, за жал, триесетгодишната незаинтересираност на македонските владетели за македонското национално малцинство во соседните држави кулминираше со формирање на една погубна институција за дијаспора од страна на СДСМ, под чии ингеренции потпаднаа и Македонците во соседните држави. Ваквата погубна политика на македонските национално нереализирани политичари, им ги отвори вратите на соседите за континуум во понижувањето на македонскиот народ и држава.

Македонски весник Илинден: Г-дине Огненовски, благодарам за овој разговор и има ли нешто што не ве прашав, а сметате дека е важно да им го кажете на нашите читатели? Г-дин Јорго Огненовски: Важно е да му кажеме на македонскиот граѓанин дека нема потреба од дефетизам. Криминалот кој е секојдневие во Македонија, мора еднаш засекогаш да се искорени, а тоа го може само народот. Исклучително тешката ситуација во која се наоѓа нашава држава, дополнително ќе го обесхрабрува народот кој ќе се соочува со плаќање на кредити и камати кои ги подигнале СДСМ во нигово име. Тешката состојба може да предизвика организирање на нови предвремени избори во Македонија. Она што сакам да го порачам е дека секој наш потег, секоја наша реакција треба да биде во правец на казнување на 30-годишните уништувачи на македонската држава. ДЕМОКРАТИ напорно ќе работат за да ја добијат довербата на народот, а народот треба напорно да работи за да си ја задржи државата. Ви благодарам за овој разговор по повод вториот роденден на ДЕМОКРАТИ.

 

Македонски весник „Илинден“