Реакција на Македонската Алијанса за објавениот Договор за добрососедски односи со Бугарија

Во врска со вчерашната прес конференција, на Премиерот Зоран Заев го објави од Владата усвоениот текст на Договор за добрососедски односи со Бугарија, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

Според основните меѓународни стандарди во надворешната политика главната цел на секој билатерален договор е да реши одредени отворени прашања и проблеми меѓу двете Држави кои се решиле на таков потег. Клучното прашање е дали вака срочен, Договорот за добрососедски односи ги затвора сите нерешени прашања кои со децении ги усложнуваат односите меѓу Македонија и Бугарија? Ајде да одиме по ред!

Прво, дали овој Договор содржи одредби со кои Бугарија го прифаќа постоењето на Македонскиот народ и ја признава посебноста на Македонскиот јазик? НЕ, текстот на Договорот е завиткан во допадлив дипломатски речник, но во неговата суштина е вметната формулацијата „Македонски јазик согласно Уставот“ која потврдува дека позициите на Бугарските власти не се променети по ова прашање ниту за милиметар во последните 18 години.

Второ, дали овој Договор е чекор напред за Македонија кон полноправно членство во ЕУ и НАТО Алијансата? НЕ, напротив, во членот 2, точка 2, со формулацијата „ќе ја поддржи Македонија за добивање на покана за членство во НАТО согласно соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО“, всушност Бугарија застанува зад Букурешкото вето на Грција од 2008, според кое без променето име Македонија не може да стане полноправен член на Алијансата.

Трето, дали овој Договор ја обврзува Бугарија да ги спроведе пресудите на Европскиот Суд за човекови права кои се однесуваат на Македонците кои живеат таму? НЕ, Бугарија и после овој Договор, повторно нема да го регистрира ОМО Илинден – Пирин, ниту ќе им овозможи на нашите браќа и сестри Македонци кои живеат таму да ги уживаат основните демократски права.

Конечно, дали овој Договор е решение кое трајно ги отстранува сите пречки меѓу нас? НЕ, во членот 12, точка 2 од Договорот, се определува обврска за формирање заедничка меѓу владина Комисија која еднаш годишно ќе прави контрола како се спроведуваат преземените обврски. Со оглед на фактот дека Владата на Зоран Заев и Никола Димитров си презела обврски да спречува создавање на анти – Бугарско расположение во Македонија од медиуми, Државни институции или физички лица, да ги шминка учебниците по историја и заедно да слави празници со Бугарски претставници, Владата на Бојко Борисов си го задржува правото и после ратификацијата на Договорот да ја блокира Македонија на Евроатланскиот пат. Тоа значи дека ако некој на пример во Скопје ја скрши противправно поставена плоча на Мара Бунева за време на панихидата на која редовно провоцира Красимир Каракачанов, Бугарија може да оцени дека Договорот не се спроведува соодветно!

Македонската Алијанса ги подржува сите иницијативи за унапредување и градење на добрососедски односи, но тоа мора да биде на принципиелна основа. Бугарија е наш важен сосед кој прв ја призна Македонија под Уставното име, но сепак ние не можеме да отстапиме од  стратешки позиции и интереси на Македонскиот народ. Бугарската Влада мора јасно, недвосмислено и формално да го признае Македонскиот национален идентитет. Истовремено, Македонија не може да бара од нашите меѓународни сојузници да ја спроведат пресудата на Меѓународниот Суд во Хаг за противправното Грчко вето во Букурешт, ако самите, во конкретниот случај со Договорот за добрососедски односи со Бугарија, се откажуваме од меѓународната правда за фундаменталните демократски права на Македонскиот народ.

Во Договорот, Македонија не може да превземе обврска за менување на историските факти. Македонија и Македонскиот народ за време на Втората светска војна беа на вистинската страна, на фронтот за слобода и правда, се бореа против фашизмот, и заради тоа беа жртва на Бугарската окупаторска војска. Тоа е еден од најпрецизните историски факти дека Македонците и Бугарите не се и никогаш не биле ист народ.

Земајќи предвид дека спротивно на сите негови заложби и ветувања, Премиерот Зоран Заев не дозволи дебата, туку Договорот за добрососедски односи со Бугарија го промовираше како конечно усогласен текст усвоен од неговата Влада, Македонската Алијанса уште еднаш предупредува дека евентуалната ратификација на ваков Договор ќе и даде дополнително погонско гориво на официјална Атина да ни го зададе последниот удар, со аргументација дека ние самите сме се откажале од нашиот национален Македонски идентитет. Затоа, доколку Договорот за добрососедски односи со Бугарија, во ваква форма на сила се ратификува во Собранието, Македонската Алијанса со сите политички средства ќе се бори Македонија еднострано да го раскине Договорот, повикувајќи се на членот 13, точка 3.

Ниту еден политичар или партија не може да прифаќа и да ветува остварување на нешто што не е, и не може да биде прифатливо за Македонскиот народ. Секој што тргнува спротивно на оваа елементарна политичка логика ќе мора да преземе одговорност за своите неразумни постапки.

Advertisement