Рибниците на “Свети Јован Крстител” Бигорскиот манастир повторно ќе се вади радичка пастрмка

Во македонското древно светилиште „Свети Јован Крстител“, попознато како Бигорски манастир, при крај е обновувањето на манастирските рибници, во кои до пред шеесетина години се одгледувала познатата радичка пастрмка. Рибниците кои почнале со работа во 1936 година и во кои се одгледувала радичка пастрмка, престанале да работат 1957/58 година. Завршена е првата фаза. Расчистени се рибниците, што беа покриени со песок, камења и други отпадоци, како и на просторот околу нив, кој беше обраснат со дрва, трева и грмушки. Извршена е санација на оштетените ѕидови, кои служат како прегради на рибниците. Притоа, за оваа голема инвестиција финансиски ни помогна нашиот голем пријател и дарител Иван Постоловски со своето благочестиво семејство од Скопје. Станува збор за обновата на трите базени, од кои двата веројатно биле користени како рибници, додека третиот бил мрестилиште. Истото сакаме да го сториме и ние, вели отец Кирил од Бигорскиот манастир.

Рибник отец Кирил

Тој искажува голема благодарност кон Постоловски и неговата фамилија, кој ги даде потребите финансиски средства за обновување на рибниците, како и кон шеесетината битолчани што самоорганизирано и доброволно притекнале да им помогнат на монасите во расчистување на рибниците и теренот околу нив. Тие беа целосно запуштени и практично не се знаеше дека има рибници. По инцијатива и заложби на нашиот игумен, Архимандрит Партениј, почна нивното обновување од пред околу две години. Најпрво младите битолчани направија голема работа во расчистување на теренот. Беа отстранети неколку тони отпад, беше искосена трева, исечени дрвја, грмушки и слично, нагласува отец Кирил.

Рибник

Рибниците ќе функционираат на тој начин што ќе земаат вода од бистрата река Радика, ќе се негува исклучително радичката пастрмка, која е многу позната и е многу вкусна, а ќе има и мрестилиште. Останува да се доисчистат каналите за вода и некои поситни работи. Исто така, уредена е и потребната законска документација, а се очекува овој процес наскоро да биде финализиран. Се планира годишно да се произведуваат над 300 тони квалитетна пастрмка. Бигорскиот манастир бил многу познат и почитуван од сите, без оглед на националната и верска припадност, па често, според отец Кирил, бил даруван со имоти и средства, бидејќи бил еден вид центар на општествениот живот и збиднувања во поширокиот регион, така што сите негувале почит кон него. Познато е, додава тој, дека имал многу имот во повеќе села од поширокиот регион, па дури и во Скопје и градот Елбасан, Република Албанија, каде што имал маслинови насади, а во дебарското село Рајчица – големи лозови насади, а на Радика ги поседувал овие рибници, што сега се обновуваат.

Рибник

– За овие рибници заеме дека почнале да работат во 1936 година и произведувале големи количини радичка пастрмка. По Втората светска војна, кога доаѓа новиот општествен режим, рибниците бесправно му биле одземени на Манастирот и доделени на новоформираната селска задруга. Поради негрижа, со текот на времето нивната дејност спласнува, така што во 1957/58 година нивната работа била целосно замрена. Потоа биле оставени и никој не се грижел за нив. Од година на година надојдените води на реката ги полнеле со секаков отпаден материјал, објаснува отец Кирил.

Рибниците на манастирот му беа вратени по судски пат, набрзо по доаѓањето на отец Партениј во Бигорски, 1995 година. Всушност, тоа беше првиот вратен црковен имот, уште далеку пред носењето на законот за денационализација.

Рибник

Бигорското братство има голема потрошувачка на риба, особено за викендите, вели отец Кирил. За сите гости манастирот ја обезбедува потребаната храна, а многу честа храна е рибата, поради што се трошат многу средства за нејзина набавка. Со работата на рибникот се очекува манастирот целосно или барем во најголема мера да ги покрива потребите за риба.

На рибникот се сеќава Зендел Ахмети за кого Бигроски е дел од неговата душа

На рибникот кога бил во функција се сеќава и живата легенда од овој крај, Зендел Ахмеди, од Ростуше врз чии плеќи иако натежнале 95 лета, сепак без прекин може да ви кажува за се што е поврзано со манастирот, со кого вели растел и ги преживеал сите убавини и трагедии кои го погодиле овој божји храм. Да добро се сеќавам и на рибникот, тој си беше од манастирот. Беше изграден во времето на поп Ташко по потекло од нашето долнореканско село Битуше, кој и ја надгедуваше неговата работа. Беа ангажирани и луѓе од долнореканските села. Се произведуваше многу риба, познатата радичка пастрмка. Главно се користеше од манастирот, се сеќава чичко Зендел.

Рибник Зендели

Потоа, вели тој го превзеде задругата, па прекина со работа и така остана запуштен, не се ни познаваше дека некогаш бил рибник. Местото го викаме бигороски ливади, кои потоа народот ги косеше за сено, на еден дел се играше фудбал, а дел и за првомајски излети. Кога им ги вратија на манастирот многу се израдував, тоа е нивно и знам дека тие ќе го заживеат, вели Зендел, кој во Бигорски, доаѓал уште како дете, како момче па дури и сега.

Кога бев млад, додава, доаѓав пешки, сега со такси и ќе доаѓа, како што повторува при секоја наша средба, се додека е жив. Додека му дозоволувале годините, доброволно, за здрвје, како што вели, ја одржувал електричната инсталација во манастирот а сега во посета да се напие кафе со отец Партениј и другите членови на бигорското братство, кои имаат посебна почит кон него.

Тој со нив беше и тоа кобно 30-септемвриско утро 2009 година кога манастирот ја преживеа најголемата трагедија, пожарот кој го проголта Горни палат. Првпат, тогаш како новинар, известувач, од настанот се сретнавме со него, лицето му беше тажно а солзите непрекинато течеа по избразденото лице. Но, се сретнавме и кога Бигорски го врати стариот сјај, на осветувањето на возобновените конаци. Пресреќен сум, знаеш ќерко, го сакам Бигорски со сета моја душа. Ќе доаѓам се додека не ѓебердисам (не умрам) – се уште се сеќавам на неговите зборови.

Рибник Зендели

Чичко Зендел е посебно горд и на орденот „Претеча“ што лично му го врачи, митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј. Иако има 95 години тој се чувствува добро и се радува дека набрзо повторно ќе проба радичка пасртмка произведена во рибникот на Бигорски./Вера Тодоровска/МИА

Advertisement