Русија го презеде претседателството во Советот за безбедност на ООН

Претседателството на Советот за безбедност на ООН месечно ротира меѓу своите членки по азбучниот ред на имињата на државите на англиски јазик. Русија во септември ќе го води претседателството на Советот за безбедност на ООН, што годинава се совпаѓа со отворањето на 74-та седница на Генералното собрание (17 септември) и нејзиниот најважен дел, „неделата на високо ниво“.

За тоа време, претседателите, шефовите на владите и министрите за надворешни работи од земјите-членки на ООН ќе одржат свои програмски говори во организацијата и ќе водат мултилатерални и билатерални разговори за најитните прашања од меѓународната агенда.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе ја предводи делегацијата на Русија на сесијата на Генералното собрание на ООН. Првиот заменик-постојан претставник на Русија во Обединетите нации, Дмитриј Полански, претходно рече дека Лавров може да учествува на состаноците на Советот за безбедност на Обединетите нации на високо ниво, кои треба да се одржат кон крајот на септември, на маргините на општите дебати на Генералното собрание на ООН. Според него, закажани се два состаноци на Советот за безбедност, кои ќе бидат посветени на регионалната соработка.

Советот за безбедност на ООН содржи 15 земји-членки, вклучително и пет постојани членки – Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција. Секоја од нив има моќ на вето, што им овозможува да блокираат резолуции. Половина од непостојаните членки секоја година се избираат за двегодишен мандат. Во моментов непостојани членки се Белгија, Доминиканска Република, Екваторска Гвинеја, Германија, Индонезија, Брегот на Слоновата Коска, Кувајт, Перу, Полска и Јужна Африка.

Претседателот на Советот за безбедност на ООН има задача да ја подготви програмата на организацијата, која според член 24 од Повелбата на ООН е одговорна за одржување на меѓународниот мир и безбедност, додека другите членки на ООН мора да ги следат овие резолуции. Претседателот исто така донесува одлуки во врска со барањата за одржување итни состаноци.