Силен земјотрес регистриран утринава во Италија (ВИДЕО)

Силен земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала ја погоди Италија во средата наутро околу 7 часот. Земјотресот се случил во 7 часот и 7 минути, на 67 километри од крајбрежниот град Римини, соопшти Евромедитеранскиот сеизмолошки центар. Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 10 километри. Земјотресот е почувствуван и во Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина.

Во противпожарната бригада пристигнале барања за проверки на згради. Железничкиот сообраќај беше прекинат како мерка на претпазливост на јадранската линија, меѓу Римини и Варано, Анкона и Рим, Фалконара и Џеси и Римини-Равена, како и меѓу Гатео и Чезенатико, поради сомневање за оштетување на пругите.

Во Анкона, Фано, Пезаро, Урбино и Сенигалија училиштата се затворени како мерка на претпазливост. Градоначалникот на Сенигалија, според она што пишува LaPresse, го следи и ризикот од цунами.

Некои болници се исто така затворени за јавноста во областа Марче.

„Вршиме проверки, многу луѓе се на улица и во моментов нема значителна штета, но ги правиме сите можни проверки на сите јавни објекти. Училиштата се затворени како мерка на претпазливост. Имаше голем страв бидејќи ударот беше силен и затоа стравуваме од последици“, изјави градоначалникот на Пезаро Матео Ричи во Анса.

Советничката за цивилна заштита и потпретседател на регионот Емилија-Ромања, Ирене Приоло, на Фејсбук напиша: „По шокот кај брегот на Марче, цивилната заштита на Емилија-Ромања е активна во областа, особено во Римини за да се потврди ситуацијата. Во контакт сме со Одделот за цивилна заштита. Во моментов нема штети или загинати“.

Извори од Палацо Чиги дадоа до знаење дека премиерот Мелони „е во постојан контакт со Одделот за цивилна заштита и со претседателот на регионот Марке за да ја следи еволуцијата на ситуацијата“.

 

Advertisement