Сите сме исти, лицата со попреченост учат да скијаат во Маврово, меѓу нив и Преспанскиот Херој Васил Јанкула (ФОТО – ВИДЕО)

Возбуденост, радост, но и неизвесност како ќе биде првото скијање се гледа на лицата на Васил, Елена, Гере, Зоран, Љуљета и Ратко, на кои деновиве им почна обуката за скијање на лица со попреченост, која неделава се одвива во скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ во Маврово. Тие се дел од групата од 13 лица со попреченост од Македонија, Бугарија и Косово, кои од 4 – 9 март заедно со 8 идни инструктори за скијање на лица со попреченост учествуваат во првата сит-ски школа, која ја организира Здружението на граѓани за лицата со препреченост ЗГПК „Без ограничувања“.

Утрото, осумте идни инструктори за скијање за лица со попреченост и самите учеа како да се управува седиштето за скијање, под инструкции на експертите од Велс, кои по повеќе пати бараа од нив да ја повторуваат постапката, им укажуваа како да ја оддржат рамнотежата, потоа кога да ги ослободат специјалните ленти со кои се држи седиштето.

Експертите од Велс Крис и Роди ги обучија и вработените во ски центарот како треба да се одвива транспорт на лицата со ски-лифтовите и со огромно трпение по повеќепати им објаснуваа каква треба да биде положбата на телото додека се зад седиштето, како и на оние што се во седиштето како да работат со лопатките за да се одржи правецот. Крис вели дека зависно од попреченоста овие луѓе може да скијаат и со скии, и при тоа многу е важна довербата меѓу инструкторот и оној што е на обука.

„Ова е прекрасно, неверојатно е чувството“, се слушаат извици од скијачите додека се спуштаат со сит-ски седиштата. Меѓу овие среќни извици се слушаше и гласот на нашиот Васил кој даде изјава за нашиот портал за тоа колку е возбуден од целиот настан:

„Ова е незаборавно. За мене ова е прво искуство да скијам со сит-ски, и е многу поинтересно отколку што сум замислувал. Сакам на лицата со попреченост да им порачам да се отворат за сите можности што им се нудат, а на останатите да им помогнат на лицата кои не се самостојни, за да може и нив да ги вклучиме во општеството, да не се чуствуваат отфрлени од општеството“.

Ски кампот за лицата со попреченост здружението го организира со поддршка од скијачкиот центар „Заре Лазаревски“, хотелот „Спорт“ во Маврово, Универзитетот во Тенеси и Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија.